Утринско кафе со Јане Рафаиловски: Пазарењето ме опушта

Денот ми започнува со будењето на моите деца. Не сум некој голем љубител на кафето, па така како замена може да се напијам цеден сок заедно со мојата сопруга или чај, но доколку имам некои работни средби или утринска дружба со пријатели, секако им правам друштво додека го пијат првото утринско кафе.

Откако ги привршувам утринските обврски во кругот на семејството, обично вежбам кларинет или компонирам. Потоа знам да одам да пазарам, бидејќи тоа многу ме опушта и после официјално ми започнува работниот ден по студијата со моите колеги, каде снимаме и договараме следни проекти.

Ме мотивираат моите најблиски, семејството. Исто така ме мотивира и убавото време, пријателите и пријатната музика.

Вечерта обично ако не сум на свирка, знам да излезам со сопругата, со друштво или во домашна атмосфера да се напиеме по една пијачка пред спиење, со убав муабет за тоа како ни поминал денот или да испланираме некоја убава дружба со моето семејство и пријателите.

Знам да прочитам добра книга, но во последно време сакам да се опуштам и со добар филм.

* Јане Рафаиловски, музичар