Утринско кафе со Кристијан Шопов: Размислувам што утре може да се направи подобро од денес

Денот ми почнува со насмевка и возбуда дека имам шанса уште еден ден да направам нешто корисно за другите и за себе.

Кафе не пијам наутро. Првото „утринско” кафе го пијам по ручекот заедно со моите родители. Всушност единствено кафе кое го пијам е ладно Нескафе. 

Ме мотивира правењето на добри хумани дела. Сметам дека смислата на постоењето е да придонесеш за создавање на подобар свет.

Дневните обврски  зависат од тековниот проект на кој работам. На пример, минатата година работев на еко-караван и посетував основни училишта со мојата еко-магична претстава во Скопје и во градовите низ државата. Тогаш станував во 6 часот наутро имав 3-4 настапи на ден се враќав доцна дома. Следеа подготовки за утрешниот ден и така секој работен ден..Има периоди кога се порелаксирани и тогаш слободното време го користам за активности кои се инвестиција во себеси како читање книги, вежбање.

По вчерашниот настап на „Д фестивал“ во Дојран, ме очекува гостување на фестивал Хрватска, на „Биоград Стрит Мјузик Фестивал“ од денес до до 21 јули. Посветен сум на развој на социјалното претпријатие „Грин Меџик Продакшн“ и давање придонес за похуман свет. 

Денот ми завршува така што размислувам што утре може да се направи подобро од денес. Некогаш со пријателите, некогаш со родителите а често и сам, вежбајќи трикови и правејќи планови за иднината.

Читам книги и најомилени ми се книгите за мотивација, самопомош, претприемништво. Сакам да гледам филмови, особено комедии но во последно време ретко гледам филмови.