Утринско кафе со Маја Велковска: Мојата втора љубов е сребрениот накит

„Добро утро свете“

Утрото секој ден го почнувам со јако црно кафе без шеќер, по можност во малку тишина и денот може да започне.

Ги сакам утрата, во зависност од годишното време. Го сакам утринското кафе во градината, во пролет во близина на цвеќињата и зелениот појас од трева. Ги сакам и утрата во зима пиејќи го утринското кафе покрај прозорец додека надвор паѓа снег.

Но, не секогаш утринското кафе го пијам сама. Понекогаш првото кафе го пијам во друштво на сопругот, кога работните обврски му го дозволуваат тоа. Тогаш утрата се поразлични, се прават договори околу нашите обврски.

Ме мотивира животот, позитивната енергија, храброста во луѓето. Сонцето, зеленилото на боровата шума, бистрината на планинските извори. Се‘ тоа е една голема позитивна енергија која ми дава сила и енергија во оваа наше секојдневие.

Дневните обврски ги прилагодувам со обврските на останатите челнови од моето  семејство. Но, секој ден, неколку часа од денот го посветувам на она што го работам, мојата втора љубов сребрениот накит.

Тоа ми е љубов преголема, работа која си ја работам со мерак. Како велат: „Најди си работа која ја сакаш и нема да треба да работиш ниту еден ден во животот“.

Секогаш размислувам и за надоградување во работата, но здравје понатаму и тоа ќе биде, отом-потом што би се рекло.

Јас сум човек кој го сака животот, и дружењето со пријателите. Ги почитувам и сакам моментите кога ќе се сретнам со мои драги пријатели, со кои не се гледам многу често, но затоа времето со нив го користам максимално во кафе муабет, а понекогаш муабетите завршуваат и на вино до доцните утрински часови.

По природа сум отворена личност и доста комуникативна, а ако ми се погоди и соговорникот, верувајте од муабет нема ниту кафето ниту времето да го приметиме.

Крајот на денот е скоро секогаш ист. Се гушкаме со синот, споделуваме кој како го поминал денот, разговараме за плановите за наредниот ден.

Доколку има некој проблем се трудиме да го решиме и секако после сето тоа, после тоа секојдневие го сакам завршувањето на денот со шолја убаво кафе, испружена на фотелја со некој добар филм или пак добра книга.


(Маја Велковска - Sales Manager)