Утринско кафе со Марија Спасова: Ме мотивира желбата вложениот труд на крајот да даде резултати

Здраво до сите читатели на Женски магазин! Во време кога се обидувам енергично да ја зграпчам секоја минута од денот и да се вклопам во брзиот ритам на градот најдобро што можам, за мене е од големо значење прашањето како ми започнува утрото и што е она што ме води низ интензивните секојдневија. Ѝ благодарам на редакциjaта за пријателскиот разговор!

Како студент на Медицинскиот Факултет во Софија, принудена сум да го навивам алармот малку порано од останатите, а доста често и да ја претварам ноќта во ден, со помошта на две шолји силно кафе (последните две седмици правам обиди да го заменам кафето со чај од ѓумбир, па знам да се проѕевам малку повеќе од вообичаено!).

Денот ми започнува многу рано. Веќе во 06:30 сум во автобус 94 и сум тргната на вежби по анатомија. На почетокот утринската подготовка ми беше напорна, знаев да гледам по туѓите прозорци со изгаснати светла и да се сожалувам себеси бидејќи ја напуштам топлата постела рано, но секојдневието создава навики. Претпочитам денот да го започнам со здрав појадок за да разполагам со максимална енергија и концентрација, зошто денот знае да ми биде навистина долг и напорен.

Она што ме мотивира и движи низ денот е желбата вложениот труд на крајот да даде резултати. Да се докаже и покаже дека и жената може да биде вешта со скалпелот в рака. Целосно сум посветена на предавања и модули, целам кон темелно изучување на човечката систематика и клиничните предмети, зошто сметам дека тоа е и одговорноста на секој еден иден лекар. Многу често пациентите во белиот мантил ги полагаат сите свои надежи. Јас сум свесна за тоа и кога веќе сум одлучила да ја преземам одговорноста, сакам да го сторам тоа онака како што доликува.

Медицината те тера да се посветиш со секој еден дел од себе на оние на коишто навистина си им потребен. Личните емоции, проблемите, грижите...сето тоа останува настрана, зошто фокусот е на друго место. Созреваме низ болничките ходници, сведоци сме на различни животни судбини, учиме да носиме дел од секој еден пациент во себе и нема поголема сатисфакција од искрената благодарност и радоста на блиските на болниот кога ќе им биде соопштено дека неговата состојба се подобрува.

Седењето во некоја префинета кафитерија на Витошка додека градот надвор пулсира, смислувањето на нови приказни кои би допреле до читателите и би побудиле интерес кај нив, како и откривањето на нови квартови, се само дел од моите омилени активности за коишто за жал, во моментот не можам да одвојам доволно време. Сепак, знам да ги практикувам доволно често за да можам да ја негувам и зачувам мојата уметничка склоност.

Ја имам среќата моментите да ги споделувам со најдобрата пријателка Надица, со неа долгите часови во дисекционите сали и дискусиите за анализираните органи се многу поинтересни и попродуктивни. Чест посетител сум на библиотеките, ги давам сите напори социјалниот живот да не трпи, па знам да одвојам доволно време и за телефонски разговор со блиските.

Сега кога живеам сама и сум далеку од дома, принудена сум самостојно да ги завршувам домашните обврски за коишто не бев свесна колку време одземаат, се’ додека не ми се наметнаа. Јас сум почетник, но силен ентузијаст во кујната. Сакам да експириментирам со нови вкусови и сметам дека оброците кои сама ги подготвувам се далеку поздрави од она што може да се купи како готово. Затоа, често прегледувам рецепти на интернет и добивам инструкции на вибер од баба и мама, чиишто совети се од непроценливо значење.

На крајот од денот сум сосема исцрпена, но и задоволна бидејќи голем дел од планираните нешта сум ги завршила. Знам да си пуштам парче омилена музика или набрзина да ги погледнам последните новости од Македонија и регионот, зошто го мразам чувството на отсеченост. Ја пијам последната шолја чај, го пеглам мантилот и на кратко кажано, се подготвувам за утрешниот ден.

Одговорот на прашањето дали сакам да читам е премногу очигледен. Се разбира дека сакам да читам! На сите оние кои творат им се необходни нови и нови текстови со цел да се надоградуваат и добиваат идеи. Во тој поглед, за жал, заостанувам. Намален е просечниот број на книги кои ги читам месечно. При најмало слободно време се изолирам од светот и се нафрлам на читање на книгите коишто сум ги купила и се имаат натрупано на полиците. Пријателите и семејството честопато знаат да ми се налутат заради тоа, коментирајќи дека не знам за граници. Како и да е, во моментот сум на средината од „Несаканиот гостин“ на Шари Лапена, еден исклучително интересен крими-трилер, кој го препорачувам на секој еден љубител на мистерии.


(Марија Спасова- писател и студент по медицина)