Утринско кафе со Никола Илиев: Утрото е време за чист преглед на нештата

Морам да признаам, не пијам кафе, но затоа конзумирам доста вода. Обично штом станам, се облекувам и влегувам во студио со чиста причина дека наутро имам избистрен мозок и можам да ги слушнам и воочам сите сегменти од проектите кои ги имам обработено претходниот ден. Утрото е време за чист преглед на нештата.

Всушност јас сум минималист. Обично гледам да се фокусирам на една до две работи пропратно со другите обврски кои и не се примарни, но се дел од целиот процес. Работам по план, иако знам да избегам од цела шема, но скоро секогаш ме јаде грижа на совест и се враќам да го завршам започнатото. Скоро секој ден поминувам од 8 до 12 саати во студио без разлика дали работам на аудио или на видео. Останатиот дел го поминувам во спорт, рекреација или со друштво.

Искрено многу работи ме мотивираат, но првично целта која што ја имам зацртано за годинава. Сакам да компонирам и да издавам добра музика, а тоа налага доста работа и труд да се стигне до одличен radio-ready производ.  Целиот процес и напредок ме мотивира.

Интроверт сум и многупати останувам дома, но ми се има случено да заминам на некои случувања, онака сам. Ќе запознаам нови луѓе или ќе се организирам со друштво. Зависи од денот и организацијата.

Преферирам книга. Гледам да прочитам барем 4-5 секоја година. Не е многу, но ми е доволно за да останам во тек со себе. Моментално ја читам Relentless на Тим С.Грувер.

* Никола Илиев (Nickarth), музичар