Утринско кафе со Ребека: Музиката и театарот го прават Маркијан среќен

Во летниот распуст денот започнуваше помеѓу 9 и 9.30 часот. Утринското кафе понекогаш и не го пијам, и онака децата ме расонуваат за една минута во замена за кафе. Кафето го пијам подоцна,откако ќе ги завршиме редовните утрински процедури. Правиме појадок и во меѓувреме постојано разговараме и се молиме Маркијан сам да ги мие забите по 10.000-ти пат.

Маркијан има свои ритуали (слушаме 5-6 исти песни кои сам не знае да ги пушти,гледаме исти претстави, скечеви кои ги сака, чистиме со правосмукалка, пуштаме машина и кога е празна) кои ги правиме секој ден со години. Овој период е најнапорен за мене зашто многу е тешко да воведам некоја нова песна или некоја нова активност што е типично за децата со аутистичен спектар.

Потоа правам ручек и честопати сите се вклучени во правењето и ми помагаат. Маркијан сака многу да е надвор и да шета, или да оди во некоја игротека или кафуле, но сама со тројцата не можам да излезам, освен во игротеката во нашата зграда, „Буба Мара“ која е на 20 метри од нашиот влез. Одењето во игротека е еднаш во неделата. Макариј и Доротеј дома многу убаво си играат и од време на време и јас и Маркијан се вклучуваме и играме нешто заедно, како на пример со пластелин, нижеме монистра или со песок кинетички правиме фигури. Попладне гледаме некој цртан филм и се шетаме ако дојде тато до 18 часот.

Одиме на гости, трите деца возат тротинети,пешачиме. Кога започнува училишната година стануваме во 7 часот и мојот сопруг ги носеше во градинка (сега во училиште) Макариј и Доротеј. Маркијан оди во училиште со мене или со асистентот со такси. Во следните 4 часа морам да ги завршам сите домашни обврски, да отидам на некој состаноци кои во 90% се однесуваат за подобрување на условите во било која смисла и сфера за лицата со попреченост и ретки болести. Во тој период 2 пати неделно возам ролерки кога времето го дозволува тоа. Во 12 часот го земам Маркијан и го носам во „Училница Даскаловски“ (Ново Лисиче) за да учи , работи со прекрасниот тим составен од развојни едукатори и логопеди. Маркијан оди таму веќе деветта година. Додека е таму одам да ја посетам мајка ми која живее таму. Таа два пати неделно ми подготвува ручек и на тој начин многу ми помага во здравиот начин на исхрана.  Зготвената домашна храна кај нас е на мени 5-6 пати во неделата. Кога е ладно два пати неделно вежбам во овој период. Два пати неделно одам во здружението „Дајте ни крилја“ да завршам некои обврски и да ги договориме нашите активности кои секогаш ги има. Од Ново Лисиче со Маркијан одиме да ги земеме братчињата и доаѓаме дома да ручаме. Исклучително е тешко понекогаш да излеземе од кола и да се вратиме брзо, зашто Маркијан сака многу да си игра надвор и се молиме петнаесетина минути. 

Во кола слушаме гласно музика и пееме. Потоа со игри, театарски претстави кои го стимулираат Маркијан повеќе да зборува (сите тројца се пресреќни) и вежби дома, сѐ додека дојде тато Мики. Два пати неделно Макариј и Доротеј одат на англиски јазик во „Хелен Дорон“, а за тоа време можам сама да го прошетам Маркијан. 

Вечерта читаме сликовница и раскажувам приказна, разговараме и молитвата со благодарност како дел од заспивањето е последната активност пред да заспијат. Понекогаш Маркијан заспива во 12 часот и сака внимание или сака да си игра. Но,кога ќе заспијат сите до 22 часот, тогаш имам време да отворам компјутер, да прочитам книга, да одгледаме со Мики некој добар филм и да ги подготвам сите работи за децата за утрешниот ден или да направам ручек. Во сите овие наши секојдневни обврски имаме еднаш или два пати неделно помош од мајка ми и од свекрва ми. Доаѓаат кај нас ако треба да одиме некаде јас и Мики. Неретко ги земаат Маркијан или Макариј и Доротеј еден или два дена.  Најмногу ми помага мојата супер- мамичка на која сум ѝ неизмерно благодарна. Покрај сето ова Маркијан понекогаш го носиме да вежба,да плива...

Се обидов отприлика да ви ги опишам нашите активности во текот на  денот, но сето ова може и да е исклучок доколку имаме проблем со однесувањето на Маркијан. Знае понекогаш да биде непредвидлив со многу негови постапки. Сега за сега добро ги менаџираме со сопругот нештата. Посакувам да можев да ви казам и дека подготвувам некоја нова песна за која се надевам дека наскоро ќе најдам време.