Утринско кафе со Родне Деолска: Нема лош живот туку само лош ден

Утрински поздрав за читателите на Женски Магазин и наздравје кафе. Благодарам за поканата и просторот. Размислувам кое утро да го издвојам за да го опишам мојот ден бидејќи секое е различно, никогаш исто. Тоа главно се однесува на мојот карактер бидејќи не сакам монотони работи колку и да се работи за едноставна активност. Водолија е во прашање. Се будам рано околу 7 часот, доколку сум расположена пешачам околу 40 минути, а утринското кафе го пијам после туширањето и тоа е секогаш турско кафе. Доколку имам обврски порано, земам кафе за носење и го пијам во канцеларија. Настојувам да го пијам сама затоа што тоа е еден посебен чин за почеток на денот кој бара уживање - хедонизам невиден. Размислуваш за работите кои ти се случиле последните 12 часа и си правиш пресек како да продолжиш. Ме насмеа еден твит скоро го прочитав : овој мир кој го имам додека го пијам првото кафе може да ми го наруши само брак! Со целосна почит кон групата која не е сингл.

Луѓето кои ме знаат знаат каков воркохолик сум и дека можам со часови да сум пред компјутер дури и да заборавам да јадам. Колегите често ме потсетувале : Родне само да те потсетам да јадеш!  Ама секогаш бирам интересна работа која бара креативност и движење па затоа и ме исполнува и заборавам на се останато. Досега не сум работела со стандардно работно време така планирам и да продолжам. Долго време работев во медиум односно работа која е доста динамична, веќе втора година сум во невладината организација Регионален центар за застапување и работам како проект координатор и лице задолжено за комуникации. Работа која е истотака многу креативна и ме исполнува, дава можности за напредок, работење на различни проекти, активности, патувања и проширување на знаењата ама баш од секоја област. Доволно е само интерес и труд и слободно може да се назначи како идеално работно место за секој млад човек. Работното време сам си го организираш, а ако решиш да си се надоградиш знаењето некаде низ светот тоа и го правиш. Професионалната определба честопати ми задава и дополнителни ангажмани па нечесто се случува да работам и после ручекот од дома.

Бидејќи ова ми е четврти град во кој живеам овие 27 години, пријателите ми се буквално раштркани низ цела Македонија. Уживам кога тие пријателства ги одржуваме со чести собирања и дружби, па затоа ги ценам пријателите кои не се многу на број ама ги има од секаде и се оние вистинските. И токму тоа ме мотивира во животот, искрените и позитивни луѓе, долгите муабети, патувањата и луѓето кои ги сакам околу мене и кои секој ден ми го прават поубав од претходниот. Периодов сум преокупирана со новата улога на тетка која ја имам и сум пресреќна со внукичката Кира.

Нajчесто вечерта ми завршува со убави дружби и кафе кое обично ми е второ тој ден или пивце. Гледам филмови, а избегнувам серии затоа што не знам да кажам стоп за нова епизода и сакам да си го скратам времето пред електронски уреди. Гледам документарци, читам книги, еве во моментов ја читам Шиндлеровата листа на Томас Кенили.

За крај би споделила една мисла за вашите читатели која воедно е поврзана со разговорот и е мое животно мото - Нема лош живот туку само лош ден!



(Родне Деолска -експерт за комуникации и односи со јавноста)