Утринско кафе со Снежана Динева: Уживам во лавиринтите на кои наидувам

Во бизнисот со недвижности со сопругот сме заедно 15 години.  Па денот ни почнува, се одвива и завршува заедно, така што првото утринско кафе кога сум во Струмица го пиеме заедно. Кога сум во Скопје го пијам со вработените, и воедно ги договараме и дневните задачи и обврски кои што треба да ни бидат приоритет и треба да се завршат тој ден. Моето мото е ,,заврши се што можеш денес, бидејќи утре веќе се создале нови“.

Ме мотивираат моите деца, моето семејство. Успешните луѓе околу мене. Ме мотивираат секојдневните тажни и среќни животни приказни. Среќните бидејќи ми даваат уште повеќе сила и желба, дека секогаш може уште повеќе, и може звучи неблагодарно и клише, ама ете, никогаш не сум задоволна од сработеното мислејќи дека секогаш може уште повеќе. Понекогаш помислувам дека би можел денот да трае барем уште некој час повеќе. А тажните? Па, тие се впрочем оној ветер во грб кој што ние сакале или не го игнорираме, а всушност се плашиме од тага, неуспех разочарувања и скршени ветувања. 

Со почетокот на денот почнуваат и моите планови и обврски, пишување и потпишување на договори, состаноци со клиенти и соработници, терен и проценка на вредноста на имотите и др. Тоа што останало од претходниот ден се решава утрото, а потоа се што носи денот. Може да биде баш стресно и во трчање, но си ја сакам работата што ја работам, па и уживам во решавањето на лавиринтите кои и те како можат да ни ги приредат нашите клиенти. Најважно од се ми е на крајот сепак сите да бидат среќни и задоволни со крајните резултати. После работното време, тоа што останало од денот, го користам со моето семејство, ручек/вечера и разговори на кој како му поминал денот со сите проблематични и смешни ситуации, па и по некоја домашна задача на мојата најмала ќерка. Инаку имам три ќерки, двете веќе самостојни личности, малата во основно училиште и внука која на сите нас ни е како средство за смирување на крајот од денот.

Денот ми завршува кога и обврските. Вечерта е делот од денот кога со сопругот ја повлекуваме линијата на сработеното договараме за утрешниот ден, и тука се завршуваат службените разговори и почнуваат оние домашните ,семејните нерешени обврски и ситуации. Вечерта ја минувам со семејството и прошетка со сопругот или другарка ми во пешачење и малку ,,трачарење “ кое е неизбежно нели? 

Порано може и повеќе имав желба да прочитам некоја книга, обично по препорака, и најмногу ги сакам  делата на Паоло Куелјо кој што знае да допре и во најдлабоките делови на нашата душа, и дури сватиш што се случува веќе си пуштил и некоја солза. Сега имам многу помалку време, а тоа што ми останува го користам за некој добар филм. Романтичар сум, па повеќе уживам да гледам нешто од тој жанр отколку било што друго. И секако ги сакам и ме исполнуваат среќните краеви.


(Снежана Динева - сопственик на агенција за недвижности)