Утринско кафе со Стефани Христов: Сопругот ми е најголема потпора

Во последно време наместо аларм денот ми започнува со будење од страна на мојата мачка. Откако ќе го добие вниманието кое ѝ е потребно, продолжувам со утринските ритуали, односно посветувам малку време на себе и се разбира следува горко утринско кафе. Зависно од обврските кои ме очекуваат во текот на денот, првото кафе најчесто го пијам во друштво на сопругот. Потоа доколку имам фотосесија или снимање на терен се упатувам кон договорената локација, а  во деновите кога работам пост продукција на фотографии или едитирам видеа, утринското кафе го пијам сама пред компјутер додека работам.

Ме мотивираат нов предизвици,  сакам да експериментирам со медиумите преку кои е изразувам. Во мојата професија е многу важен и тимот со кој соработуваш, доколку добра идеја, осветлување, шминка, фризура, гардероба и секако воспоставиш убава конекција со моделот, финалниот производ може да ги надмине очекувањата. Горазд (сопругот), кој е исто така уметник ми е најголема потпора и мотивација.

Тешко е да се опише како изгледа еден мој работен ден, бидејќи не е воопшто рутински. Понекогаш целиот ден го поминувам пред компјутер, некогаш од утро до вечер сум на терен, фотографирам, снимам, организирам настани или имам состаноци на кои го договарам идните проекти и соработки. Како и сите ние, има денови кога останувам дома и се посветувам на домашните обврски или правам филмски маратон. 

Вечерта  најчесто ја минувам во друшво на сопругот, често во друштво на пријателите и семејството.  Мојата работа нема фиксно работно време, па се случува  во вечерните часови да покривам некој настан или да го припремам материјалот што треба да се објави наредниот ден.

Како визуелен уметник преферирам филм, бидејќи го анализирам од повеќе аспекти и од таму пронаоѓам инспирација и стимул за моите идни дела. Кога станува збор за книги, сакам минстерии и криминалистика, а морам да признаам и дека сум голем фан на стрипови.

(Стефани Христов- фотограф)