Утринско кафе со Васка Бојаџи: Искуствата од Единбург сакам да ги применам во Македонија

Денот најчесто ми започнува со триесетминутно пешачење до работа. Раздвижувањето наутро ми годи и уживам да го набљудувам будењето на градот. Прекрасните дрвореди низ кои поминувам, дружељубивите кучиња кои трчаат наоколу и сонливите дечиња кои тромаво се движат накај училиште ми предизвикуваат насмевка секое утро.

Првото кафе го пијам вообичаено на работа. Преферирам да пристигнам во канцеларија пред почетокот на работното време, што ми дава можност да уживам во првите голтки кафе во тишина, планирајќи ги дневните обврски или читајќи вести.

Пиењето кафе во некое од локалните кафулиња ни е ритуал со партнерот и пријателите за време на викендите. Исклучително ретките сончеви денови во Единбург ни се пак резервирани за во парк.


Мотивација црпам од луѓето кои ме опкружуваат, особено од оние кои не се плашат од предизвици, не се обесхрабруваат од пречките на кои наидуваат во остварувањето на своите соништа и кои не се покоруваат на општествените стеги и очекувања. На професионален план ме инспирираат колеги кои и покрај нивното богато искуство и знање се одликуваат со скромност и умеат да препознаат можност за учење од секого и во секоја прилика. Сепак, за мене најголем извор на мотивација е моето семејство. Тие ми даваат елан за речиси се што ќе наумам да направам и веруваат во мене, дури и кога јас самата се сомневам.

Значен дел од денот ми е посветен на исполнување на работните обврски, кои вклучуваат истражување и пишување на различни теми поврзани со правата на децата, состаноци со соработници или активности со деца и млади. Да се работи во една од водечките организации за детски права во Шкотска е вистинска привилегија, но истовремено и предизвик и одговорност. Секојдневно се рефлектирам на тоа како стекнатите искуства овде би можела да ги применам во Македонија.


По динамичниот работен ден најчесто се релаксирам на средби со пријателите, готвење заедно со мојот партнер, прошетка во природа или пак вежбање во теретана. Омилени ми се вечерите поминати на концерти или други културно-уметнички настани. Редовно ги посетувам „Балканрама“ концертите кои се одлична можност да ги запознаам моите колеги и пријатели од различни страни од светот со музиката од нашиот регион.

Во изминатата година бев фокусирана на академска литература, со која се будев и заспивав. Заради интензивните магистерски студии листата на книги кои сакав, а немав време да ги прочитам стана предолга. Сега кога конечно имам повеќе слободно време избирам книги кои истовремено ме забавуваат и имаат моќ да го прошират мојот светоглед. Една од тие книги е Factfulness на Ханс Рослинг, која со сигурност би ја вброила помеѓу најдобрите книги што ги имам прочитано во последниве неколку години. Филмовите и сериите ми се неретко избор во вечерните часови и за време на викендите. Особено ми се допаѓаат филмови испирирани од вистински животни приказни и настани, како и филмови и серии со моќни женски улоги и добра актерска игра. Big Little Lies ми е дефинитивно една од омилените серии. 


(Васка Бојаџи - правник)