Утринско кафе со Венера Глигорова: Никогаш платата не ми била важна како големата љубов кон децата

Речиси секое мое утро започнува идентично, на балконот заедно со мојот сопруг пиејки го утринското кафе. Одсекогаш сме ја имале таа пракса, а сега кога сме во поодминати години ни е особено полезна. Тие триесетина минути ги користиме само за нас да си поразговараме, да се искоординираме во врска со работните обврски кои ни следуваат во тековниот ден, како и за ангажманите околу нашите прекрасни четири внучиња Ева, Андреј, Ана и Јован. Како што старееме повеќето обврски ни се сведуваат на нив, но не се жалиме затоа што тие ни се главен извор на енергија. Потоа одам на работа каде што и се посветувам на моите дечиња од кои што секојдневно црпам енергија за предизвиците кои ни ги носи ова динамично време.

Од повеќе места ги црпам мотивите за моите активност. Најголем мотив ми се внучињата. Сеуште се малечки, најмала е Ева која има една годинка, а најголем е Јован кој годинава стана ученик. Секој ден ќе слушнеш нешто ново од нив, за волја на вистината понекогаш и нешто лошо, но затоа сме тука ние за да работиме со нив и да ги насочиме кон тоа што треба и што не треба и тоа ми дава најголем мотив за да се изборам со секој нов ден.  Огромен мотив ми е  кога шетам по улица и ќе ме застане некој поранешен родител или ученик па ќе ме прегрне и ќе помуабети со мене, а најискрено не се ретки таквите деца, родители. Многу години сум во воспитно образовната дејност и ги среќавам моите ученици кои сега веќе се возрасни буквално насекаде. За мене поголем мотив и награда од нивната почит кон мене не постои.

Дневните обврски се сведуваат на обврските околу домот, на моите внуци и на мојата работа. Никогаш платата не ми била важна како што била голема љубовта кон тоа што го работам. Да бидам најискрена веќе сум пред пензионирање и моето време за да се посветам на работата е помалку ограничено, но во моето досегашно работно искуство кое трае повеќе од четири децении речиси и да не поминал ден а да не посветам неколку часови за подобар воспитно образовен процес во градинката во домашни услови. Дали тоа ќе значи подготовка на шеми (честитки, знамиња, ветерници или слично) на кои децата утредента би цртале или пак тоа ќе биде подготовка на некоја тематска претстава на која заедно со дечињата ќе им претставиме на родителите што сме научиле, никогаш не било важно и секогаш наидувало на подршка од моето семејство, а посебно од мојот сопруг кој ми дава најголема подршка.

Доколку не сме ангажирани околу гледање на внучињата вечерните саати се најчесто резервирани за прошетка во Градскиот Парк и Струмичкото корзо заедно со мојот сопруг. Има ноќи и кога знаеме да си останеме дома и да си посветиме моменти на нас, да изгледаме кој филм или некоја серија, да си помуабетиме и слично.

Многу сакав да читам, но во последно време читањето ми е сведено само на литература посветена на воспитно образовниот процес во градинката за други книги време немам. Ги сакам книгите и ги учам децата да ги саката книгите. Секој ден задолжително практикувам читање на приказна за сладок попладневен сон, а одкако дечињата ќе се наспијат учиме или повторуваме некоја од песничките кои се дел од нашата програма. Стихотворбите и приказните кои им ги читам на дечињата помагаат за нивно подобро ментално здравје и ги учат на добри навики, на добри манири и на најсликовит начин им помагаат да извлечат поуки кои ги применуваат. Ништо не може да го украде детското внимание повеќе од некоја приказна или басна а притоа толку значително да придонесе за нивниот умствен развој. Од филмови најчесто гледам серии но поради недостаток на слободно време никогаш не сум била “опседната” со некоја играна серија.


(Венера Глигорова - воспитувачка во градинката „Детска радост“ Струмица)