Утринско кафе со Виктор Илиоски: Малите победи ме движат на секое животно поле

Утрото секогаш ми започнува пред звукот на алармот, немам некои посебни утрински ритуали, фокусот е на брза подготовка и заминување на работа каде официјално ми започнува денот.

Утринското кафе за мене претставува чиста форма на хедонизам и никогаш не го консумирам од навика, едноставно уживам во присуство на колегите со кои никогаш не е монотоно.

Мотивацијата секојдневно ја наоѓам во цртање на барем едно парче од мозаикот кој мислам дека успешно го составувам. Малите, ситни победи на дневна основа најдобро ме мотивираат и ме движат на секое животно поле.

Работните планови во Кроациа осигурување живот АД Скопје, се најчесто неделни или месечни, дневните активности се фокусираат на комуникација, координација и средби со колегите и застапниците, со чести регионални патувања.

Крајот на денот најчесто е резервиран за пријатно друштво, но да бидам искрен понекогаш сакам да бидам сам, да уживам во „осаменоста“, во тие моменти се сеќавам кој сум и што сакам да постигнам во животот. 

Филм или серија се медиум кој го преферирам, но тука клучната улога ја игра слободното време. Како и да е, отсекогаш сум имал слабост на овие „пороци“. Секако, личниот и професионалниот развој се невозможни без постојано читање.

* Виктор Илиоски, Регионален директор за унапредување и развој на застапничка мрежа во Кроација Осигурување - Живот