Важна е ... Затоа што љубовта кон танцот ја пренесува на сите: Сара Кочан
На рекламните билборди ширум државата деновиве ја забележавме новата кампања на Халкбанк, во чија главна улога се граѓани од различни профили и случајни професии, но она што ги прави значајни во креирањето на целосната слика, е нивниот индивидуален придонес кон креирање на позитивни општествени вредности од поширок контекст.
Една од нив е Сара Кочан, позната во македонската јавност по нејзината посветеност и љубов кон танцот и сопственик на студиото за танци Dancers United МК.
Сара својата љубов кон танцот ја негува уште од мали нозе, откако претходно активно се занимавала со гимнастика и карате, сѐ додека одблиску не се запознала со танците, особено со латино танците, како нејзина посебна опсесија. Оттогаш, Сара активно и професионално се занимава со танц, за во 2013 година, заедно со нејзиниот сопруг Нермин Кочан, да го оформат школото за танци, Dancers United Мк, каде тие својата љубов и знаење за танцот продолжуваат да ги споделуваат и пренесуваат на другите, притоа мотивирајќи ги своите ученици на здрави навики. Денес, школото брои од 250-300 членови, распоредени во различни програми: латино-американски и карипски танци, хип-хоп и балет, како и фитнес програми зумба, аеробик и пилатес. Со програмите е опфатена популацијата од 4 години, па нагоре, без горна граница, а исто така постојат и програми за вежбање за родителите со своите деца, како одговор на динамичниот начин на живот.
„Јас лично работам од мојата 18-та година, додека стимул за да отворам свој бизнис беше желбата да го работам тоа што ми е пасија. Моето животно мото е: Сакај го тоа што го правиш и работи го со љубов, a инспирација ми се секогаш резултатите на моите танчери и нивното растење. Љубовта кон танцот претставува многу труд, истрајност, работа и дисциплина како и многу дружења, патувања, развивање на натпреварувачкиот дух и настапи во јавност… Сѐ што е потребно за една личност да биде комплетна. Така што – ДА! Многу ми е важно таа љубов да ја споделам на другите, со цел да развиеме здрави и среќни генерации. Нашата цел е да стимулираме здрав животен стил за генерациите кои доаѓаат, како и да го поттикнеме градењето на нивната самодоверба“, вели Сара Кочан.
Dancers United Мк е општествено одговорна компанија која посветува големи напори за развој на танцова програма за ранливи категории на луѓе и лица со посебни потреби. Во рамките на школото, во соработка дефектолози, развиена е посебна танцова програма за лица со Даунов Синдром, што овозможува поголема социјална инклузија за ранливата категорија во општеството во кое живееме. Инаку, за особено истакнување е успехот на танчарите од оваа програма, кои минатата година во Копенхаген го освоија 3-тото место, а кои беа поддржани од Халкбанк.
„Ние промовираме здрав живот и здрави навики и мислам дека тоа е важно за добробитот на секој човек, а важно е што започнуваме со најмалите членови ова да го развиваме од мали нозе и идејата е тие спортски навики и дисциплина да им останат и во понатамошниот живот како навика. И секако, најважно е тоа што ние сме инклузивно студио каде сите се еднакви и ги рушиме стереотипите и бариерите“, додаде Сара.
Инаку, Сара Кочан е дел од корпоративната кампања на Халкбанк „Важни се луѓето“, преку која всушност компанијата оддава признание дека секој еден е еднакво важен, истовремено детерминирајќи ја својата позиција во насока со значењето на името на банката ‒ „Банка на луѓето“. Врз основа на оваа позиција, банката на луѓето гради и негува уникатна, нераскинлива врска со сите корисници, исто онака како што Сара Кочан, и сите останати лица на кампањата, градат и негуваат нераскинлива врска со своите клиенти.