Велешанка на работа во Оман: Овде се работи без стрес
Младата Слободанка Павлова од Велес веќе шест месеци работи во хотел во Оман и вели дека условите за работа во оваа земја се одлични.
За својата работа раскажува дека не е стресна, туку е забавна, а Оман вели дека е убава земја и бидејќи има доволно време има и можност да ја истражува државата, да шета, да оди на плажа, да посети кино. Патот до вработување во Оман е реализиран преку странска агенција.
„Работата во Оман ми беше понудена од агенцијата King’s Camp од Англија. Преку нив заминав пред неколку години на брод, и сега ми ја понудија оваа работа на брод затоа што е слична со онаа што ја работев, анимација на деца и семејства кои доаѓаат на одмор. Во Оман работам во хотелот Shangri-La како аниматор, правам спортски игри, како на пример одбојка, олимписки игри во базен, олимписки игри на плажа, натпревари, квизови, фигури од балони. Тука сум 6 месеци и ќе се вратам во Македонија на кратко во април. Условите за работа се одлични, може да се работи по 9 часа на ден по закон, и морам да имам два слободни дена во неделата. Може да се заработи, зависи од тоа колку ќе троши човек“- раскажува Павлова за Фактор.
Меѓу нејзините колеги нема Македонци, но има луѓе од Италија, Шри Ланка, Англија, Јужна Африка. Таа е задоволна од животот во оваа далечна земја.