Верата ми помогна да ја пребродам загубата на мајка ми: Велигденски со Ламбе Алабаковски

Добивај вести на Viber

Ламбе Алабаковски, откако се врати од Америка по седум години, вели дека во ова време колку што не бил музички активен, се наполнил со љубов кон неговата професија. Сега интензивно настапува, има планови за нова музика, а неговото семејство, сопругата Магдалена и синовите Михаил и Димитриј го поминале периодот на адаптација и се среќни во Битола, нивниот старо-нов дом. Ламбе често оди и во родното Љубојно, каде што му помага на својот татко. Поп-пејачот со љубов се сеќава на Велигден во својот крај, но и на тешкиот период во раната младост, загубата на неговата мајка, и она што му помогнало полесно да ја преброди тагата, верата и музиката.

*Откако се врати од Америка си прилично активен и актуелен. Те има по многу медиуми, настапуваш. Како се снаоѓаш во овој брз медиумски живот, откако седум години јавноста малку знаеше за твоите активности?

-Да ,тоа е еден долг временски период во кој може и да се каже дека одморив созреав, имам и се наполнив со многу љубов кон својата професија. Им благодарам на сите кои ме поканија и ме покануваат да гостувам и верувам дека допрва ќе соработуваме. Овој начин на живот ми е доста познат и тоа како возење велосипед ако еднаш научиш никогаш не се заборава,макар и да има мала пауза. Особено ми е драго што слушам разни коментари повеќето од нив убави и радосни за моето враќање и во Македонија и во музичките води! Мојот нов бенд групата “Марифет” и фронтменот кој е мој школски другар од Музичкото училиште во Битола, одлично се вклопија едноставо кажано професионалци со кои од првиот ден со поглед се разбираме за избор на песни и звукот ,атмосферата е феномелна.

* Во една прилика ми рече дека постариот син Михаил не сакал да се врати во Америка и плачел кога ќе се спомене таа тема. Дали сè уште е така, како се децата, како Магдалена која долги години беше во САД се навикнува на новиот живот дома?

-Можам да кажам дека првиот дел од периодот на адаптација помина, сега сме малку посталожени. Да, Михаил е прво одделение и е одлично прифатен од соучениците и учителката Лидија и брзо напредува, веќе пишува и чита кирилица, а англискиот целосно го владее,засега е супер. Има нови другарства и старо нови од времето пред да заминеме, врсници со кои се дружи излегува во парк итн. Засега не сака да чуе за назад во Америка. Исто и Магдалена одлично се вклопува и мислам дека сме сите свои на своето,како велат “каменот тежи на место”.

*Колку често имаш настапи сега, каде може публиката да те види, имаш ли планови за нова песна?

-Да од пред месец дена заедно со бендот настапуваме секоја недела во ресторан и бар “Аурум” во Битола, одлична храна, професионална услуга и тим кој победува,пријатна атмосфера. Имам и понуди за други градови и сме во тек, мислам ќе имаме одлична сезона,многу датуми се веќе закажани. Еве прилика и да ги поканам сите заедно да се дружиме со убава песна! Би сакал што поскоро да се случи нова песна и видео и работам интензивно на случајот, со Божја помош ќе имаме нешто ново за брзо време.

*Неодамна беше во твоето родно Љубојно. Кое чувство те обзема кога ќе стасаш во родниот крај, кој од твоето семејство уште живее таму?

-Татко ми кој веќе е пензионер живее таму и често со мојот постар брат и семејствата одиме да го посетиме, да сработиме нешто и дружиме на некој ден.,и често завршуваме со песна. Во родниот крај чуството е секогаш силно и убаво ,имам среќа што Љубојно е опколено со преубава природа, планини реки езеро и тоа навистина одлично нè релаксира сите од градскиот метеж.

*Кога беше многу млад ја загуби твојата мајка. Што најмногу ти помогна да го пребродиш тој период на тага?

-Навистина во врвот на популарноста мене ми се случи голема трагедија,се сеќавам веднаш после два месеци од нејзината смрт,настапував на фестивалот во Будва каде што со Александра Пилева во дует ја отпеавме „Да могу време вратити”.Сила да продолжам добив од Бога и од музиката.

*Кој е највредниот совет кој го паметиш од неа, кои ти се најубавите спомени од неа?

-Таа често ме советуваше да не брзам и постепено да ја градам кариерата. Средбата со игуменот старец Партениј по неколку години исто така ми помогна да се утврдам во верата и да го пребродувам тој настан,сфатив дека се е дел од животот а во Христијанството можеби парадоксално но смртта е радост за во вечноста! Силно чуствувам дека нејзиното присуство е тука и секогаш ме чува и бодри за сите мои одлуки.

*Ти си голем верник, како се прославуваше Велигден во твоето семејство и како го паметиш овој празник од детството во Љубојно?

-Во Љубојно секогаш по традицијата за Велигден одевме во црква, првите три дни од Велигден, радосно беше и тоа што храмот се чистеше и украсуваше пред празникот. Потоа семејството седнуваше на ручек а после тоа следуваше некој спортски натпревар, одбојка фудбал и слично, на теренот од основното училиште во Љубојно.

*Колку вербата и молитвите ти имаат помогнато во животот, да пребродиш одредени тешки мигови?

-Секогаш и секаде ми помагаат молитвите и вербата во Бога, животот е полн со разни искушенија без Неговата помош тешко можеме да се справиме со нив. Моја заштитница е прсвета мајка Богородица и слава во нашиот дом!

*Како се гледаш за десет години отсега, би сакал ли музиката да биде твојата единствена професија или сепак би се решил за уште еден „посигурен“ бизнис?

-Си посакувам мир здравје и долговечност а за другото не се грижам. Трудољубиво ќе работам а за исходот ќе зборува времето.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива