Вистината има многу лица, најважно е да си чист пред себе: Кој е Коста Петров, новоизбраниот потпретседател на СДСМ?
Неговото прво печатено дело „Се гледаме на врвот“ сѐ уште е најпродаваната книга од македонски автор во земјава. Тој е ко-основач и директор на креативната агенција „Пи Ворлд“ која за осум години постигна импресивни резултати. Работи на четири континенти, a при крајот на минатата година со неговиот тим го организираше првиот настан во Јужна Кореја. Коста Петров е и ко-автор на стиховите на евровизиската „Proud“ со која Тамара Тодевска по шест години ѝ донесе евровизиско финале на нашата земја.
Од вчера како новитет и изненадување за јавноста, авторот и ПР експерт е и еден од потпретседателите на СДСМ.
- Живееме во оваа држава, ја сакаме и мораме некако да ја направиме подобро место за живеење. Наместо да коментирам и да не преземам ништо се одлучив на активен пристап за да помогнам и за придонесам за подобра иднина. Таа иднина ја заслужува моето семејство, моите пријатели, сите ние. Тешка е одлуката да се приклучам во политиката, но тоа што досега немам искуство во политиката го сметам за свој адут, бидејќи точно ја знам мојата цел без никакви политички калкулации- ова се дел од зборовите на Петров по донесената одлука дека станува дел од владејачката СДСМ.
Како секогаш искрен соговорник, Петров во неколку наврати за Женски Магазин зборуваше за неговиот пат до успехот, но и за стравот и депресијата кои му помогнаа да стане подобар човек.
- Сиот мој живот сум се соочувал и се соочувам со стереотипи, но како што стареам престанав да трошам енергија на вакви работи. Се сеќавам на 11 години кога се преселив од Гостивар во Скопје, сите ми се смееја што зборував со гостиварски акцент. На факултет во Прага, од другите колеги секогаш бевме гледани како некоја дива банда од Македонија. Кога се преселив во Дубаи, во компанијата во која работев повеќето беа Британци и секогаш нив им беа давани најголемите проекти.
Како што одминуваат годините научив дека моја должност не е да објаснувам некому што сум, кој сум и од каде сум. Моја должност е да го давам максимумот во сѐ што правам, а резултатите секогаш говорат самите за себе. Најчесто, оние што најмалку верувале во тебе, со тек на време стануваат твоите најголеми поддржувачи- се зборовите на Коста.
Како горд сопруг и татко на една ќерка, за која вели дека е најголемата среќа во неговиот живот, се труди секојдневно да минува квалитетно време со семејството.
- Најомилена ми е тетоважата што всушност ми ја нацрта ќерка ми. Пред три години таа ми нацрта срце и пеперутка на десната рака и тоа го истетовирав и кога и да погледнам во неа, ја чувствувам незјината љубов, гордост но и благодарноста што постои во мојот живот- вели тој.
За себе вели дека го дава максимумот во секоја ситуација.
- Денот ми започнува до 5 часот наутро а веќе во 9 или 9.30 најкасно сум во кревет. Живеам пензионерски живот- раскажа Петров за своите дневни ритуали.
Коста е убеден дека озборувањето во секој поглед е ништожно. Во неговата професионална кариера се сретнал со секакви озборувања, за него, за неговите пријатели, за пријатели на пријатели… Но непобитната вистина за Петров претставува вистински триумф над фрустрираните и нереализираните, токму тие кои најмногу озборуваат.
- Вистината има многу лица. Тоа што за некого е вистина, за некој е лага. Луѓето веруваат во тоа што сакаат да веруваат и некогаш колку и да им објаснуваш нивното мислење нема да се промени. Најважно е ти самиот да си бидеш чист пред себе. Верувам дека ако тоа се случи тогаш ниедно озборување не може да те повреди, напротив, ќе те направи многу посилна личност- вели Петров.