Во Едукативниот центар за зачувување на природата Негрево - Запознајте ја природата од Брегалничкиот Слив

Добивај вести на Viber

Дали би сакале да научите повеќе за природата и биолошката разновидност во Брегалничкиот Слив? Кои растителни и животински видови може да се сретнат во реките и планините околу нас? Дали би сакале да поминете еден убав фамилијарен ден во природа на чист воздух?


Во 2018 година со поддршка на Програмата за зачувување на природата во Република Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координирaн од Фармахем, во село Негрево кое се наоѓа на само 3км од Пехчевона 1.020 м.н.в., во старото основно училиште е отворен модерен и интерактивен Едукативен центар за зачувување на природата. Центарот е опкружен со прекрасна природа, разни видови на дрвја и растенија, чист воздух и убави пејзажи од Малешевијата.

Доколку сакате да дознаете што нуди овој Едукативен Центар за зачувување на природата погледнете го промотивното видео:


Eдукативниот центар за зачувување на природата Негрево нуди можност на побрз, полесен и визуелно повпечатлив начин да се прикажат сите природни процеси и богатства како и да се придонесе во едукацијата за зачувување на природата во Брегалничкиот Слив.

Внатрешниот дел на Центарот се состои од 4 простории, а во секоја од нив се разработени 4 различни теми: Брегалнички Слив и значењето на водата, најкарактеристични видови на живеалишта во Брегалничкиот Слив, хербариум и инсектариум и просторија со збирка на семиња на земјоделски култури и збирка на фосили. Повеќе детали за секоја од просториите кои се дел од Едукативниот центар за зачувување на природата може да прочитате ТУКА.


Уредениот двор на Едукативниот центар за зачувување на природата има голем број на елементи за интерактивни активности на отворено за деца, млади и возрасни. Центарот, преку пешачко-едукативната патека „Патеката на Петко и шумските жители-Пехчевска авантура”, е поврзан со локалитетот Јудови Ливади, каде може да се види инсектојадното растение муволовка (Drosera Rotundifolia), кое е ендемичен вид за овие простори.


Вашата следна прошетка во природа нека биде едукативна и забавна. Посетете го Едукативниот центар за зачувување на природата во с. Негрево, запознајте ја природата и грижете се за неа.


ПР објава