Во Макстил ја прифаќаме општествената одговорност како исклучително важна вредност: Интервју со Карин Павлоски, директор за односи со јавност и инвеститори

Добивај вести на Viber

Максил АД Скопје во изминатиот период слободно можеме да кажеме дека е една од компаниите кои се грижат за општествената одговорност. Во нивната општествено одговорна програма се фокусирани кон повеќе сегменти. Тие се јавуваат како покровители на Одделот за неонатологија на Универзитетската Клиника за Детски болести во Скопје, потоа тука е и соработката со Факултетот за ликовни уметности, а од исклучително значење им е придонесот кон активностите кои ќе придонесат кон грижата за животната средина.

За сево ова, но и за корпоративната општествена одговорност подетално разговаравме со Карин Павлоски, која е Директор за односи со јавност и инвеститори во Макстил АД Скопје. Таа детално ги опиша сите цели во врска со оваа тема, но исто така стави акцент и на иднините планови на оваа компанија, кога е општествената одговорност во прашање.

Имате обемна општествено одговорна програма, кон кои сегменти најмногу е фокусирана помошта од Макстил и кон што целите да постигнете?

- Општествената одговорност е силна алатка во рацете на компаниите, особено оние поголемите, за да влијаат кон создавање суштински промени на ниво на широката општествена заедница. Веруваме дека како компанија можеме да придонесеме кон видливи резултати во квалитетот на животот на одредени целни групи, а преку тоа, се грижиме за целокупниот развој во поширок контекст во Македонија, односно, придонесуваме кон подобра иднина за генерациите што доаѓаат. Нам ни е од исклучително значење, како компанија од индустрискиот сектор, да преземаме активности кои ќе придонесат меѓудругото и кон грижата за животната средина и се стремиме да имаме неутрално влијание на емисиите на СО2. Преку нашето делување, веруваме дека ќе оставиме трајно наследство како врз поединците така и врз заедницата, дека грижата за општеството е една од најважните работи.

Макстил е покровител на Одделот за неонатологија на Универзитетската Клиника за Детски болести во Скопје, и неодамна донираше 35 илјади евра. Не секоја компанија презема ваква голема одговорност, што точно подразбира ова покровителство?

Идејата за Макстил да стане покровител на Одделот за неонатологија се наметна сосема природно како продолжеток на нашата намера да го поддржиме јавното здравство, како континуитет на веќе воспоставената соработка со детската клиника за неврохирургија и детска кардиологија. Ова покровителство значи понатамошна поддршка на одделот. Со оваа донација сакаме да бидеме препознаени како чинители кои се грижат за предвремено родените бебиња и да креираме услови за нивна правилна нега, создавајќи околности за намалување на смртноста како и можност предвремено родените бебиња да ја добијат нивната прва битка во животот. Донацијата започна минатата година во септември и траеше три месеци, при што комплетно го реновиравме одделот. Важно е да се напомене за ова реновирање дека немаше да биде возможно без севкупниот ангажман на група волонтери вработени во Макстил, кои посветија дел од своето слободно време за реализацијата на проектот, нешто за кое што сме им неизмерно благодарни. За нас претставува голема гордост што заедно ја зголемуваме свеста за потребите на овие бебиња,создадовме достојни услови за грижа и нега, за подобро следење на нивната здравствена состојба, како и можност за изведување дијагностички и терапевтски процедури. Со оваа донација, исто така, придонесовме за подобри работни услови за медицинскиот персонали зголемување на нивната мотивација. Да не ги заборавиме и мајките кои ја доверуваат грижата за своите предвремено родени бебиња токму на овој оддел, со тоа што ќе овозможиме нивниот престој да го направиме попријатен и многупоудобен. 

Со железото од Макстил ќе се прават и уметнички скулптури – ова е дел од уште една вредна донација што го спојува навидум неспоивото. Каква е улогата на Макстил во оваа иницијатива?

Во знак на дополнително продлабочување на соработката со Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ), дониравме еден тон старо железо, кое е наменето за потребите на студентите од студиската насока вајарство. Истото ќе им послужи на студентите како материјал за изработка на скулптури, заедно со два помали апарати со кои ќе им овозможиме полесна обработка на материјалот, што ќе значи и развивање на нивниот уметнички потенцијал.

Инаку, нашата соработка со ФЛУ тече во континуитет повеќе години наназад, а континуирано се продлабочува и спаѓа во рамките на поддршка како на образовниот процес, така и на развивањето на креативниот капацитет кај студентите, нивниот интелектуален развој и кон истакнувањето на културниот потенцијал кај младите генерации, како претставници на македонската уметност во светот. 

* Што претставува општествената одговорност за Макстил како компанија чии производ не е директно наменет за граѓаните/широка потрошувачка...?

Во Макстил ја прифаќаме општествената одговорност на компанијата како исклучително важна вредност, која е интегрирана во нашата деловна политика и претставува воедно и интегрален дел на Националната агенда за општествена одговорност на компаниите во Република Северна Македонија, принципите за корпоративно управување на ОЕЦД, Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, како и на Глобалниот договор на ООН.  

Во насока на остварување на целите на општествената одговорност во деловните операции, ние сме водени од напорите да дадеме конкретен придонес кон општествената заедница преку постојано приспособување и помагање на иницијативи кои произлегуваат од неа. Компанијата континуирано ја поддржува локалната заедница и притоа е посветена на квалитетот, екологијата, здравјето и безбедноста во сите аспекти на работењето. При комерцијалната соработка со купувачите и добавувачите, применуваме етички деловни практикии настојуваме позитивно да влијаеме на околината преку промовирање на ефективни еколошки практики.

Зошто општествената одговорност на компаниите е важна?

Деловното работење денес не е само вршење на секојдневните набавни, производствени и продажни функции. Сите компании треба да ја инкорпорираат социјалната и општествена одговорност во своето работење. Го земаме предвид нашето социјално, еколошко и економско влијание врз општеството во кое делуваме и сакаме да дадеме позитивен пример, да влијаеме на менувањето на перцепцијатана граѓаните во општеството, да бидеме активен чинител и да ја насочиме нашата грижа кон генерациите што доаѓаат. Целокупниот бизнис сектор, е дел од општествената заедница, а ние како нејзин составен дел можеме да придонесеме да се направат суштински промени кои во крајна линија би се одразиле директно на добар начин врз сите нас.

* Какви се плановите и стратегиите на Макстил во поглед на општествената одговорност за оваа година?

Планот за оваа година е на линија на уште поголемо зголемување на нашата присутност во форма на поддршка онаму каде што би била најпотребна. Нашиот фокус останува на позитивните промени во локалната заедница, каде што работиме и се разбира во општеството во целина. Како главни сегменти на делување во 2021година, а и понатаму би ги навела животната средина, безбедноста, здравството, образованието, спортот и културата.