Вo недела официјално завршува кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жените во политиката“

Добивај вести на Viber

В недела, на 31.10.2021 година, официјално завршува кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жените во политиката“ организирана од Националниот демократски институт со финансиска поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна поддршка (Сида) како дел од проектот WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените.

Во изминатиот период кампањата опфати голем број активности, кои беа презентирани на дигиталната платформа www.nezanasilstvo.mk, како и на фејсбук-страницата „Не за насилство“ чијшто број на следбеници достигна до 6.842, а нејзината содржина допре до повеќе од 1,3 милиони единствени корисници и предизвика повеќе од 110 илјади интеракции.

Во рамките на кампањата, вкупно 80 национални и локални медиуми ја потпишаа Повелбата за етичко известување за време на изборната кампања за Локалните избори 2021 во Република Северна Македонија. Исто така, 17 политички партии, вклучително и 10 форуми/унии на жени го потпишаа Кодексот за фер и демократски локални избори.

Со потпишувањето, политичките партии се обврзаа на демократски изборен процес, во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори. Истовремено, со потпишувањето на Повелбата, медиумските работници беа согласни дека во работата на медиумите ќе се почитуваат начелата на урамнотеженост, на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, на чесност и независност, на професионална солидарност, на уредувачка независност и професионален интегритет, на почит и толерантност, на еднакви можности на жените и на мажите, како и на слобода и одговорност.

И покрај големиот интерес на јавноста и на медиумите, како и учеството на речиси сите политички партии во кампањата, на социјалните медиуми, кандидатките за градоначалнички и советнички се соочија со коментари полни со говор на омраза, низа закани, навреди и притисоци и дискриминација, поради што Работната група за родова еднаквост, тело составено од 16 жени и мажи, претставници на 8 политички партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ЛДП, ДОМ, Алтернатива, Движење Беса) испрати реакција со осуда на сите форми на говор на омраза и дискриминација, со кои се нарушува правото на жените да учествуваат слободно и правично во изборниот процес како кандидатки.

Во следните неколку денови, во близина на Собранието на Република Северна Македонија ќе биде поставен т.н. Ѕид на срамот (Wall of shame) – платно што ќе ги прикаже навредливите коментари и пораки за политичарките, преземени од фејсбук-страницата на кампањата, активност со која ќе ја заокружиме кампањата.

Но, и покрај тоа што оваа кампања завршува, борбата против насилството врз жените во политиката продолжува. Таа борба е заедничка на целата јавност во насока на подигнување на свеста за последиците од насилството врз жените, кое не познава нација, етничка и политичка припадност. Само заедно, со здружени сили, може да ги постигнеме посакуваните резултати.