Во последните 3 години загрижувачки порасна бројот на децата со потешкотии во говорот или останатите функции: Кумановката Јелена за работата со деца со атипичен развој

Добивај вести на Viber

Велат дека е најтешко кога се работи со деца, но од друга страна пак е навистина благослов да се работи со нив, особено ако си ја сакате работата и ве исполнува тоа што им помагате на најранливите, најневините и најчистите - децата.

Јелена Спасовска е дама која работи како дефектолог веќе 10 години и вели дека отсекогаш различноста ѝ била интересна за истражување, детската чиста љубов и можноста да се помогне таму каде е потребно.

Таа е сопственик на Центар за стимулација, едукација и советување во Куманово кој се стреми кон водење грижа, развивање и усовршување на децата со потешкотии, се залага за подигање на јавната свест и прифаќање на потешкотиите кај децата.

Како установа сакаат да го промовираат одржливиот развој, зајакнувањето на интерпесоналните односи со околината, развојот на човечките ресурси и залагањето за подобра иднина на нивните корисници во околината. Работат со деца со типичен и атипичен развој преку пружање на логопедски и дефектолошки третмани, индивидуални или групни, работа во пар, работилници, бесплатно советување на родители, наставници и други стручни соработници. 

Исто така како центар даваат бесплатни консултации на семејствата од град Куманово и околината. А, покрај тоа, организираат работилници со надворешни соработници во доменот на музиката, физичката култура и слично. Организираат и семинари и едукации за семејствата со цел полесно надминување на секојдневни ситуациски проблеми со кои се соочуваат, забавни работилници кои ја потикнуваат инклузијата во општеството итн.

Повеќе за работата со деца со типичен и атипичен развој и за логопедијата, прочитајте во оваа прво интервју на Јелена за Женски магазин. 

* Зошто токму работа со деца? Отсекогаш сте сакале да работите со деца, или поради други околности работите со нив?

- Отсекогаш различноста ми била интересна за истражување, детската чиста љубов и можноста да се помогне таму каде е потребно. Децата се единствени кои не можат да ти нанесат зло. Од нив учиме за љубов и чистота на душата. Во текот на животот сум работела разни професии, сепак ова е онаа која ја работам скоро 10 години и се надевам ќе остане така.

Логопед или дефектолог во последно време почнува да станува дел од фамилијарна потреба 

* Колку дечиња го посетуваат центарот „Детска светлина“?

- Во моментот во Детска Светлина околу 80 дечиња се корисници на нашите услуги.  Бројот на деца се менува затоа што со децата кои успешно ги завршиле третманите се поздравуваме и постојано имаме упис на нови.

* Во денешно време колку е потребен логопед, дефектолог да работи со деца?

- Логопед или дефектолог во последно време почнува да станува дел од фамилијарна потреба. Скоро и да не постои фамилија во која барем едно дете има потреба од истите.  Можам да кажам дека во последните 3 години загрижувачки порасна бројот на децата со потешкотии во говорот или останатите функции. 

* Кои се најчестите говорни да ги наречам проблеми за кои се јавуваат кај децата?

- Нашето искуство покажува дека најчести потешкотии во говорот се: алалија (потполно отсуство на говор), развојна дисфазија ( забавен развој на говорот) и дислалија(потешкотии во изговор на гласови).

* Мислам дека едно од најчестите прашања кај родителите е кога да го носат детето на преглед кај логопед/дефектолог, од колку годинки?

- Првиот момент кога родителот ќе забележи некакво отстапување во развојот кај своето дете би требало да се консултира со стручно лице. Кај некои деца првата посета  е пред првата година од животот, додека кај другите и подоцна во зависност од проблемот кај детето.  Битно е да не се одложува посетата кај стручното лице со надеж дека со возраста детето само ќе ја надмине потешкотијата, што не значи дека не може и тоа да се случи. 

*  Зошто е потребно едно дете да посетува центар за детски развој?

- Нашиот центар работи со дечиња во надминување на нивните потешкотии, стимулирање на постоечките потенцијали  или откривање на нови, па така од голема важност е посетување на центри од ваков тип. Центрите за развој нудат услуги кои неможат да се добијат во домашни услови.

* Тешко ли е да се работи со деца? Односно лесно ли се опуштаат дечињата и дали соработуваат на часовите?

- Нашата работа е доста предизвикувачка и секако на дневно ниво се соочуваме со потешкотии кои тимски успешно ги надминуваме. Секое дете е индивидуа за себе, па така адаптацијата и соработката кај некои деца е полесна или обратно.

Децата единствено не можат да ти нанесат зло. Од нив учиме за љубов и чистота на душата 

* Кои се најчестите прашања кои ви ги поставуваат родителите?

- Нашиот тим е во секојдневна комуникација со родителите со цел помагање и давање насоки за полесно надминување на предизвиците со нивните деца. Колку време е потребно за да се надмине проблемот? Дали моето дете ќе прозбори? Како можам да му помогнам на своето дете кога плаче? Како да остварам комуникација со моето дете? Како да го натерам да ме послуша? Овие прашања се мал дел од најчесто поставуваните прашања.

* Кои алатки ви помагаат во работата со децата?

-  Во секојдневната работа користиме најсовремени алатки, методи, техники и тестови. Овде би ги одвоила скалите за процена на детскиот развој како прв чекор во откривање на отстапувања во детскиот развој.  Најчесто користени алатки во нашиот центар се сензорна соба, логопедски сонди, виброфон, слушалки за пелтечење, читање и стимулација на говор и  др. 

* Соработувате ли логопедите и дефектолозите во земјава?

- Нашиот центар е отворен за соработка и соработуваме со центри од Македонија и од соседството. Како прв отворен центар во Куманово во изминатиот период имаме пружено пракса и доедукација на колеги. Овде би сакала да се заблагодарам на повозрасните колеги кои несебично и неисцрпно го споделуваат своето знаење и искуство преку кое можеме да учиме и растеме. Доколку сакаме да им помогнеме на семејствата етички е да има соработка помеѓу колегите.


Наталија Миланова

Фото: Приватна архива