Во тишината на спалната соба

Добивај вести на Viber

Кому сакав да му докажам дека можам сè?

Ви текнува ли на онаа справа во теретана на која се качуваш, почнуваш да се движиш на лента, се препотуваш, набиваш кондиција и трошиш калории? Е, на таква справа „верглав“ јас до Ковид-19. А, никогаш не сум била во теретана. Всушност само сум влегла, ама недостатокот од желба за вежбање, затворена во четири ѕида, имајќи ја пред мене целата природа надвор, не ми го побудила апетитот да трошам калории на таков начан. Повеќе сум јога-тип. Ом (симболот што ги означува трите нивоа на свеста, светиот звук на спиритуалноста кој е дел од религиите на хиндуизмот, џаинизмот и будизмот) и сличните мантри од источните филозофии ми се поблиски до мојот сензибилитет. Сепак, текстов ни малку не е за одржувањето во физичка форма, туку за одржувањето на духовната форма. Примерот со справата во теретана ми беше само доволно пластичен за да ви објаснам колку мојот живот наликуваше на брза лента, до истоштување!

Во март ја модерирав последната дебата на која присуствуваа околу двесте луѓе. Дента кога Светската здравствена организација прогласи пандемија, корона-вурусот ме однесе на принуден одмор. Како и секаде во светот, се откажаа сите јавни културни настани, сите фестивали (филмски, книжевни и сл.), сите дебати и обуки за кои бев букирана да ги работам до септември, невозможно да се одржат во формат од десетици или стотици лица. За среќа, еден месец претходно ја направив промоцијата на мојата книга „Сакам, значи постојам“ (ТРИ), па не морав да го ставам „на холд“ животот на книжевното чедо. Мојот живот секако го ставив „на холд“...

Некое време потоа сфатив дека не ми е ставен животот на почек, само работата која десетина години наназад се одвива со лудачко темпо. Кому сакав да му докажам дека можам сè? – е прашањето за кое прекуноќ станав свесна. Оваа колумна само случајно е напишана во прво лице. Оваа колумна не зборува само за мене, туку низ мене зборува за сите жени кои под челичната чизма на општеството и очекувањата од семејните констелации, венат од замор. Ја посветувам на сите девојки и жени кои треба да научат да кажат – НЕ МОЖАМ, НЕ САКАМ И ДОСТА МИ Е!

Последниве години многу се популарни термините мултитаскинг и „burnout“. Првото зборува за вештината да се прават повеќе работи во исто време, под контрола на еден ист мозочен центар. Второто зборува за прегорување од замор. Често се фалиме со мултитаскингот без да знаеме дека научно е докажано оти ни прави здравствени проблеми. Најновите студии покажуваат дека популарниот „мултитаскинг“ што жените одлично го владеат, најчесто од нужност, води до зголемени нивоа на стрес и анксиозност, а со тоа и до посериозни последици. Но, денот има само 24 часа, а „женската работа“ нема крај, нели? Сакате малку низ бројки? За македонски контекст, еве ги официјалните статистики на Реактор-истражување во акција: Споредено со мажите, просечно во денот, жените поминуваат 18 пати повеќе време на миење садови, 9 пати повеќе време на готвење, 12 пати повеќе време на чистење на домот, 3 пати повеќе време на грижа на децата. Жените кои имаат мало дете (до 6 години) поминуваат 3 часа и 18 минути повеќе време на домашни обврски од мажите. Да не продолжувам бидејќи фокусот на оваа колумна не е родовата (не)еднаквост. Ќе пишувам друг пат на таа тема. Се враќам сега на „burnout-от“ кој ме натера да размислам за различните категории на замор. Убавиот, сладок замор наспроти заморот како психичка творба која води потекло од нештата кои не сакаме да ги правиме.

Ковид-19 ми остави простор да размислам зошто е потребно да го забавам своето животно темпо, да ги побарам изворните принципи на квалитетно живеење и да се посветам на малите нешта што го прават животот убав. Да почнам да живеам според мерак и план, наместо по инерција на обврските. Никогаш не е доцна да се сетиме дека рутината нè претвора во роботи и да го избегнеме сценариото на Џорџ Бернард Шо кој на смртна постела го прашале: „Што би направил ако можеш одново да го живееш својот живот“? Тој одговорил: „Би сакала да бидам личноста која можев да бидам, а никогаш не бев“.

Затоа, воркохолизмот и перфекционизмот ги спакував во куфер и ги пуштив на одмор. Телевизорот го стишив (читај: сите медиуми и социјални мрежи) за да го намалам количеството на вести во денот со кои сме бомбардирани, а кои не ми прават ништо добро. Колку за споредба, неделното издание на Њујорк Тајмс содржи многу повеќе информации отколку што примила некоја просечна личност од 17 век за време на целиот нејзин живот. Па, така, олеснета од професионалните обврски и од црните статистики во светот се препуштив на интроспекција на себеси. Почнав помалку да работам, а повеќе да истражувам, да шетам во природа и да читам. Се смета дека се потребни 21 ден за да се развие нова навика. Се сетив на мислата на писателката Вирџинија Вулф: „Скелетот на навиките го поткрепува човековото тело“, па се охрабрив дека и најголемите умови се бореле со лоши навики. По редот на феминистките се повикав и на Ерика Јонг, авторката на култното дело „Страв од летање“, жената која пред педесетина години го шокираше светот со експлицитниот однос на женската сексуалност, потсетувајќи се на нејзината порака: „Презмете ја контролата врз вашиот живот и... – И што се случува? Немате кого да обвинувате“. Така решив да направам. Прстот да го вперам кон себе.

За почеток, престанав да го обвинувам капитализмот и неговата алчна челуста за профит и почнав од себе, намалив онаму каде можев. Се можело и со помалку и поскромно! Се договорив самата со себе дека веќе нема работа во недела. Уште од древните времиња седмиот ден бил познат како Сабат или ден за одмор. Освен машината за перење алишта и правосмукалката (по желба, а не под принуда) друго нема да работам во недела! Тука пред сè не мислам за работите кои се однесуваат на домот, туку на професионалните обврски кои ние, фриленсер(к)ите, си ги „мкнеме“ и во неработните денови особено кога рокот притиска на црвеното копче. Новите навики подразбираа нов синџир во природата. Ланецот одеше вака: помалку работа – повеќе слободно време; помалку пари – помалку купување, маничен шопинг и непотребно трошење; повеќе свесност – помалку отпад и загадување….

Промените не ме плашеа. Тешко е да марширате според сопствениот ритам, кога светот околу вас ве притиска да подлегнете на неговите прописи, но вреди да се проба. „Луѓето кои напредуваат во животот се оние луѓе кои одат напред и ги бараат условите што ги сакаат, а ако не можат да ги пронајдат, ги создаваат“, велеше еден познат мудрец. Тоа се црните овци кои дуваат ветер на револуцијата за да го направи својот обрт.

Покрај мојот скромен, личен придонес во антиконсумеристичкото спасение на еколошки девастираната планета, другата скала на вредности на која сакав повеќе да се посветам е семејната. За жал, повеќе време поминуваме гледајќи во компјутерот и телефонот, на Фејсбук, Инстаграм, Твитер, отколку да се дружиме со нашите деца. Светот ништо нема да загуби ако јас денес не ги прочитам сите вести и новости. Не мора да сум чекор зад најновите информации. Нема да сум помалку паметна ако не сум во тек со сè што се случува. „Трн-оф“ и на социјалните канализации, упс... мрежи! Заштедена енергија и време. А најдобриот подарок што може да им го дадеме на своите деца е нашето време. Нема да го трошам залудно!

Последно на низата, кога детето ќе заспие, доаѓа времето за себе. Чисто за себе! „Колку благородна е самотијата во овој хаотичен свет кој нè одвојува од нашето подобро јас, изморени од работата, одвоени од задоволствата“ – ме утеши Вилијам Вордсворт, за да не се осеќам себична што сакам да сум сама. Навечер, покрај столната ламба во спалната соба, сама со моите најдобри другарки – книгите! Нивната света мисија ми ја гали душата пред спиење. Водење љубов со убавиот збор! Се сетив и на зборовите на Еразмо: „Кога ќе добијам малку пари – купувам книги, а ако ми остане нешто од парите – купувам храна и облека“.  Така некако и јас. Со книгите, клучот на мудроста го наоѓам во мојата спална соба. Истата онаа во која го чекам сопругот за да водиме љубов...

Во тишината на спалната соба...

Разгали ги повиците што допираат до најдлабокотo место во тебе!

Стиши ги повиците на рекламите, вестите, банките и супер-маркетите!

Зауздај ја потребата да докажеш дека ти можеш сè!

Излези од сенката на наметнатите очекувања од твојата мајка, свекрва, сопруг, пријателка, шефица... Никому ништо не мора да докажуваш!

Осами се во најтесното домашно друштво!

Уживај во свое друштво!

„Сите јадови на човекот произлегуваат од неспособноста мирно да седи во тишина во својата соба“. – Блез Паскал


За Женски Магазин Ана Јовковска, новинаркa, писателка, тренер за личен развој