Возев низ Европа со болки во стомакот, ненаспана и гладна: Битолчанката Мартина за своите 1.900 километри на велосипед

Нејзините велосипедски и планинарски авантури будно ги следат следбениците на Инстаграм. Неуморната битолчанка Мартина Николовска (29) сè уште не ја поминала цела Македонија со велосипед, но поминала добар дел од Европа. 1924 извозени километри е нејзин рекорд, но и покрај оваа бројка, плановите на Мартина тука не застануваат, таа сонува за уште возбудливи тури.

-За првпат возам од многу мала.Први подолги тури ми беа кога со другарками ќе извозевме до Ниже поле, до таму има околу петнаесетина километри од Битола.Таму ги остававме точаците и продолжувавме пешки на планина  до големото езеро“, ни раскажа Мартина и продолжи за поголемите нејзини подвизи.



-Со велосипед сум била од Љубљана- Словенија преку Хрватска,Црна Гора, Албанија (Јадранска магистрала) која беше 1337 километри....
Другата тура е од Белград до Хамбург во Германија ,таа беше преку Србија. Унгарија, Словачка, Австрија, Чешка и на крај Германија (виа централа) 1924 километри. Другите што ги возевме пред пандемијата, Грција Албанија ни се блиску“, вели младата авантуристка.

Мартина вели дека сите приказни кои ги отсонувала со отворени очи со нејзината екипа велосипедисти се возбудливи, но има една којашто никогаш нема да ја заборави.

-Тргнавме од Скопје, стигнавме со Љубљана со автобус. Се сликавме и тргнавме. Ова беше моја прва голема тура, и не знаев како ќе се одвива. Другарите се плашеа дека како женско нема да можам да ја издржам турата дури и ме убедуваа да не тргнувам.... Ама мој инает, одам“, ни раскажа Мартина. Таа вели дека била возбудена пред оваа нејзина прва голема тура  надвор од државата, и интуицијата ѝ велела дека ќе биде сèво ред.

- Стигнуваме во Хрватска, спиеме првата вечер.Јас не спијам, внимавам, нареден ден се договараме што ќе правиме, како ќе правиме за пиење, за јадење. Ајде јадење ќе купиме,за пиење ќе полниме вода од чешма за да штедиме пари. Водата од чешма мене не ми ја прифаќа организмот, возам со големи болки во стомак и надуеност сè повеќе и повеќе. Ми велеа да се вратам, ама јас не се откажувам ќе успеам сигурна сум. И никако да стасаме до некое место, село или слично. На среде сред пат наоѓаме една кафеана, само таа е една и ништо нема ни назад 20 километри а за напред не знаеме уште колку треба да возиме за да стасаме до некој друг објект. Кога им рековме на вработените од ресторанот, дека тука сакаме да преспиеме, прво не сакаа да нè примат, мислеа дека можеби сме крадци, и не сакаа да прифатата да останеме.  Ние сепак останавме, но снемавме вода па моравме да купиме од ресторанот. Едно шише чинеше 25 евра. Многу е, ама мора да пиеме, лето е “, се присетува Мартина.

И покрај долгата колометража и заморот, кога целата екипа заспала, таа не можела, повторно чувала стража. Следниот ден, повторно тргнале на пат, барајќи го првото село и првата фурна за да појадуваат.

По 20 извозени километри до селото, Мартина не можела да јаде со останатите членови на тимот поради проблемите со стомакот.

-Не можев ништо да јадам освен овошје, и повторно проблеми.  Тие се упорни јас да се вратам назад, ама јас сум упорна да продолжам. Стасавме во Задар и таму најдовме една пријателка. Таа ми даде апче, и среќа е што стомакот ми помина и почнав да функционирам. Потоа за назад одеше полесно. Возевме од пет наутро со 12 на пладне, и од 5 попладне до полноќ. Спиевме на плажа“, раскажува Мартина за авантурата која нема да ја заборави.


-Еден човек што нè сретна по пат ни дозволи да преспиеме кај него во дворот. Среќа, ги има многу такви низ Европа кои ќе ти помигнат во било која ситуација.Бевме охрабрувани од многу луѓе по патот .... Се случуваше и во текот на возење да заспијам.Кога стасавме во Албанија, спиевме во камп.Последната вечер во Албанија јадевме со последните 20 евра што ни останаа и од таму продолживме. Стасавме до Струга, преспавме таму и следното утро стасавме до целта, во Охрид. Таму јадевме и чекав да дојдат од Битола да ме земат, но другарите не ми дозволија веднаш да си одам дома. Тие подготвувале изненадување кое никогаш нема да го заборавам.  И ден денес ги имам истите чувства и истата возбуда очи полни со солзи како да беше вчера.... Благодарна сум им на сите нив, на мојата фамилија што беа покрај мене цело време и ме поддржуваа“, раскажа Мартина за патот кој тепко го издржала, но била упорна да ја оствари целта која ја замислила.
Нејзино најдолго возење во еден ден е околу 300 колемтри со паузи, како што вели за да ја разгледа околината и да се изнаужива во природата околу неа.
Мартина вели дека никогаш досега не помислила дека не може да успее да извози одредена тура, затоа што сè зависи и од психичката спремност. „Како ќе се програмираш, така ќе успееш, ама нормално и од физичката спремност.. Едно без друго не може“, вели шарматната битолчанка. Таа е среќна што за време на пандемијата забележува дека сè почесто  се возат велосипеди, но ѝ пречи што велосипедистите многу малку се почитуваат како учесници во сообраќајот.

Уште една нејзина авантура која нема да ја заборави е возењето до Хамбург, кога возејќи ѝ се олабавиле задните жици, но си рекла: Што сака нека биде, јас и оваа тура ќе ја извозам. Кога стасала во центарот на Хамбург, девет жици ѝ биле пукнати, но за Мартина е важно дека стасала таму каде што имала замислено.

Додека ја возеле европската тура, Мартина и нејзината екипа спиеле цело време надвор, и се хранеле од маркети затоа што така им било поефтино и поисплатливо. Имало ноќи кои биле премногу студени, и затоа спиеле најмногу по 4-5 часа.

-Првата вечер спиевме под еден орев во Суботица.Сабајлето кога станав ,косата ми беше како џвакана, неможев никако да ја фатам, а капењето е проблем, зависи каде ќе најдеш туш надвор и кога ќе можеш да се истушираш“, вели Мартина.


Проблем се случил и кога не можеле да ја најда границата помеѓу Унгарија и Словачка, но им помогнале добри луѓе кои ги поканиле да преспијат кај нив.

Мартина се сечава и на студената Чешка, каде што спиеле на нива.

-Чешка беше многу ладна, се сеќавам.Таа вечер незнам како не измрзнавме. Возевме до 12 по полноќ и никако да излеземе до некое село или град поблиску, па останавме да спиеме во поле на нива. Од долу ладно, од горе ладно роса,  сè што имавме на нас облековме. Не знам како поминаа тие 4 часа за одмор. Многу пати нè исфрлаше мапата на терен по земјен пат, по ниви, низ шума па мораше да наоѓаме решение... Не секогаш испаѓа онака како што си мислел дека ќе биде, но  секогаш треба да си спремен на сè“, ни откри Мартина.


Сега, кога главно вози локални тури, кога не е велоспиед таа планинари, но се занимава и со кик бокс, стрелање, а нејзин омилен зимски спорт е бордањето. Мартина има уште соништа, за уште нови предели кои сака да ги открие на две тркала, и искрено верува дека ако не сите, ќе ѝ се остварат барем дел.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива