Врвни гитаристи и добитници на „греми“ - гости на 12. „Тремоло“
Во полн ек се
подготовките за 12-то издание на Меѓународниот фестивал за класична
гитара „Тремоло“,
единствениот од ваков тип кај нас, кој
е референтна точка за сите вљубеници во класичната гитара. Покрај вредните награди, во рамки на
фестивалот се одржуваат солистички концерти за класична гитара и
мастер-класови, а како централен настан е натпреварот на кој учествуваат
талентирани млади луѓе.
Годинава, Меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“ го реализира своето 12-то издание од 17 до 23 мај, во организација на Детскиот културен центар – „Карпош“, со поддршка на Град Скопје.
На задоволство на публиката и годинава ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастер часови. Меѓу концертите планирани за годинава први се оние на: Давид Стрбац - Србија/Австрија и на Адам дел Монте - САД, кои ќе се одржат на 19 мај во малата сала на Македонската филхармонија, потоа на „Дуо Дениција“ - Македонија/Германија и на Герхард Герхард Рајхенбах - Германија, најавени за 21 мај во „Куршумли ан“, како и на Нејц Кухар - Словенија/Австријаи на Габриел Бјанко - Франција, чии настапи на 22 мај, исто така, ќе бидат во малата сала на Македонската филхармонија.
Најавено е учество на многу гости од странство, од кои дел ќе бидат и членови на интернационалното жири: Адам дел Монте од САД (еден од водечките фламенко и класични гитаристи и композитори од неговата генерација, добитник на награди „греми“); Габриел Бјанко од Франција (признат како еден од најдобрите денешни класични гитаристи, победник на престижни меѓународни натпревари, во Сан Франциско, САД и во Кобленц, Германија), Герхард Рајнхенбах од Германија, кој веќе 40 години настапува како солист и заедно со оркестри на сите важни меѓународни фестивали на гитара; Нејц Кухар од Словенија/Австрија, професор на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена и на Конзерваториумот „Јозеф Хајдн“ во Ајнштадт, предавач на престижната школа „Џулијард“ и др.; како и Ерхан Мујка од Косово, Бошко Радојковиќ од Србија, Џевдет Сахатчија од Хрватска/Косово, Николај Михаилов и Стела Динкова од Бугарија.
Од македонска страна во жирито членуваат: Дарко Багески - нашиот познат гитарист, кој моментално работи како редовен професор на Факултетот за музичка уметност, уметнички директор на „Тремоло“, основач е на Летната академија за гитара во Охрид и претседател на македонската заедница за класична гитара; Борче Наумоски - доцент на Факултетот за музичка уметност, кој ги предава предметите гитара, камерна музика и литература за гитара, а предава и како професор по гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и Љубомир Наќевски - професор по класична гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, чии ученици активно учествуваат на фестивалите во регионот и се добитници на државни и меѓународни награди, како и директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска.
Овој фестивал е прв посветен на уметноста на класичната гитара во нашата земја. Низ годините, прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара. Детскиот културен центар – „Карпош“ има долга и богата традиција во однос на организација на многубројни културни настани и манифестации, за кои сведочат многубројни признанија и награди, а со овој фестивал, кој е поддржан и од градот Скопје, ја збогатија домашната културна сцена.
- Во текот на изминатите години многу еминентни солисти и педагози, светски познати уметници од областа на класичната гитара, придонесоа овој фестивал да стане препознатлив со својата уникатност. Секое издание од овој фестивал е своја приказна, инспирaција за младите генерации во нивната културна формација. Со успешната реализација на фестивалот „Тремоло“ Детскиот културен центар – „Карпош“ учествува во развојот на овој тип на уметност во нашата земја. Успехот, е начин на мислење и навика и тој доаѓа кога раката, срцето и мозокот работат заедно! Ние силно веруваме во светлата иднина на фестивалот - порачуваат организаторите.
Со успешна реализација на фестивалот „Тремоло“ ДКЦ „Карпош“ дава голем стимул и поддршка за развој и промоција на овој вид на уметност во земјата.