За нив гласно се зборуваше: Жени на годината
Да се избере жена
на годината е неблагодарна работа. И релативна. Колку и да звучи клише
еден од најпознатите цитати на Коко Шанел, жената навистина заслужува да биде
отмена и прекрасна. Секоја жена заслужува да биде потсетувана за својата
големина, за нејзината посебност и совршеност. Секоја жена е уникатна и
инспирира. И онаа што решила да биде домаќинка и никогаш не се пожалила за
ништо, но и онаа што со својот професионален и општествен ангажман во
континуитет забележува значајни резултати. Важна е посветеноста. И за едното и
за другото. Една африканска поговорка вели дека женската посветеност всушност е
и нивната најголема убавина. Затоа, ние нема да рангираме жени. Едноставно само
ќе потсетиме на неколку за кои можеби најгласно се зборуваше во 2019-та.
На наша огромна радост, многу од нив доаѓаат од спорот и културата.
Илина Арсова
(Ликовна уметница, скијачка и планинарка)
Првата Македонка која го искачи Монт Еверест, пред само два дена не’ израдува со уште еден историски подвиг. Македонското знаме го развеа на врвот Винсон на Антарктикот и мисијата 7 врвови конечно е завршена. Илина стана прва жена од нашата земја и една од 60-те во светот кои ги искачиле највисоките врвови на сите континенти, како врвен успех во планинарските спортови. „Со ладни раце, но топло срце. Незаборавно искуство и прекрасно чувство“, порача таа. И како што вели, нека ова биде поттик за сите жени да веруваат во невозможното и да сонуваат!
Билјана Црвенкоска
(Спортистка)
Ракометниот клуб „Вардар“ годинава стигна до втората европска круна во Келн, овозможувајќи ѝ на Билјана да испише историја на фајналфор турнирите како прва жена-тренер што во „Ланксес Арена“ го кренала шампионскиот пехар. „Чувството е неверојатно. Горда сум на овој успех, иако ми е јасно дека мојата улога е секундарна“, скромно изјави во таа еуфорија поранешната македонска репрезентативка.
Тамара Тодевска
(Пејачка)
Врвот е дно, а доброто зло! Вака пее Тамара во еден постар нејзин рефрен, вака отприлика и ѝ беше во годината што веќе е позади нас. Врвот го достигна во Израел со историски евровизиски пласман за нашата земја, но многу бргу се најде на дното со ненамерната грешка при интонирањето на химната. Гордоста се претвори во класична хајка. „Македонија е мојата татковина. Земјата која ме направи појака, похрабра, помудра. Земјата во која растат моите деца и земјата со која се гордеам. Се’ во животот е лекција“, порача Тодевска.
Тамара Котевска
(Режисерка)
„Медена земја“ е можеби најдоброто нешто што ни се случило во поновата македонска историја. Тамара е корежисер на ова ремек-дело. Токму таа ни испорача совршена приказна со универзален одглас и сега светот не престанува да зборува за нас. Документарецот е сериозен кандидат за „Оскар“, веќе влезе во најтесниот круг, па со нетрпение ги очекуваме номинациите на 13 јануари.
Атиџе Муратова
(Медена земја)
Таа е последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа. Со својата човечност и пожртвуваност ги освои симпатиите на сите. Таа е медена исто како и филмот и храбро ја носи главната порака. Ако еден го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената. Дефинитивно Атиџе е личноста што ја одбележа 2019, и на големото платно и со своето присуство.