Жаре и екипата на Еден на Еден на едрење
Во недела ќе ја гледаме последната епизода од Еден на Еден од Сезона 11, на Канал 5, од 18.30.
Жаре и екипата како круна на оваа сезона ја снимија Едрење- специјал, нивната авантура низ неколку грчки острови минатата година.
Едрејќи, Жаре ќе раскаже што им зготвил на екипата на бродот, многу интересни приказни за островите Скијатос, Скопелос и Алонисос, морнарски финти кои ги начуил од капетанот Јанис и уште неколку детали што не сме ги знаеле за Спорадите. За крајот на емисијата и на сезоната, тој ѝ се заблагодари на верната публика на Еден на Еден.
„ Да сте живи и здрави сите вие, кои нè поддржувавте и не гледавте цела оваа Сезона 11 на Еден на Еден. Овој специјал го снимивме некаде во октомври, минатата година, и го планиравме како едно изненадување и круна на оваа сезона. За жал, се случи целиот хаос со пандемијата од коронавирусот, и моравме да ги затвориме границите, да престанеме да патуваме надвор и да седиме дома, како би го заштитиле нашето и здравјето на нашите најблиски. Но, ништо не е вечно. Ситуацијата кога-тогаш ќе се врати како што беше. Ќе имаме време и за шетање, патување, сончање, а богами и за едрење. Во моментов, важно е да сме доследни на пропишаните мерки. Да внимаваме, да ги почитуваме правилата и да помогнеме сите заедно што побрзо да ја добиеме битката. Еден на Еден екипата после оваа епизода оди на пауза.
Ќе се видиме од есен, со сосема новата 12 Сезона, од најгледаното ток шоу кај нас, успех кој ви го должиме целосно вам, нашата верна публика со години. Многу ве сакаме, и ви посакуваме сè најдобро. Имајте пријатно лето, полно љубов, радост, и најважно од сè, многу, многу здравје“, е пораката на Жаре.