„Зголемен е бројот на млади луѓе кои односите во семејството ги оценуваат како ладни, далечни и кои не се чувствуваат блиски со ниеден член од семејството“: Интервју со проф. Д-р Македонка Радуловиќ од Институтот за семејни студии

Добивај вести на Viber

Љубовта на семејството е најголемиот благослов во животот, оние кои го имаат на број не се свесни какво богатство поседуваат.

Семејството е столбот општеството, кое низ историјата претрпело значајни промени, но едно останува дека е клучен столб во структурата на општеството и игра витална улога во социјализацијата и поддршката на индивидуите. Ова го вели професорката Д-р Македонка Радуловиќ од Институтот за семејни студии на Филозофскиот факултет – Скопје.

Со неа разговаравме за семејството, улогата на мајката и таткото, колку се имаат променето семејните вредности со влијание на модерното време и технологија, колку сиромаштијата влијае на односите во семејството.

„Да се има семејството, значи да се има цел еден свет“. Тргнувајќи од овој цитат значењето на семејството може да се смета за најважен круг на луѓе кои се тука со тебе од твоето постоење, тука е зачетокот на еден живот. Како вие професорка Радуловиќ го доживувате семејството, и како го дефинирате пред вашите студенти?

- Јас сè уште го доживувам семејството како основна заедница, столб на општеството. Иако многу современи социолози сметаат дека оваа дефиниција е застарена и денес на општеството не му е потребно семејството, за мене семејството и понатаму претставува клучен столб во структурата на општеството и игра витална улога во социјализацијата и поддршката на индивидуите.

Денес има многу дефиниции за семејство, всушност колку што има и семејни модели. Со студентите се обидуваме да ги проучиме сите.

Македонско семејството во минатото и сега. Колку модерното време ги промени улогите на мајка и татко во едно семејство?

- Традиционалните родови улоги во македонските семејства претрпеа значајни промени. Мажите и жените во современите македонски семејства, сè почесто, подеднакво ги делат домашните обврски и одлучувањето. Идејата за маж кој е хранител и сопруга домаќинка станува се помалку распространет, при што и двајцата партнери често придонесуваат за финансиска поддршка, учествуваат во домашните задачи и заеднички ги одгледуваат децата. Традиционалното нуклеарно семејство кое се состоеше од татко кој ги носи финансиите во домот, мајка домаќинка и зависни деца полека исчезнуваат. Како субјект на општествениот живот семејството денес може да испрати двајца претставници, и сопругот и жената. Тоа се должи на зголемената рамноправност на жената во домот и можноста да добие подеднакво добро платена работна позиција. Покрај променетите улоги на мажот и жената во семејството се менува улогата на децата. Елементот на т.н. природна надреденост на родителите се менуваат. Децата стануваат активни субјекти, учествуваат во креирањето одлуки во семејството, самостојно одлучуваат за начинот на облекување, однесување, професионалната ориентација, за место на живеење итн.

Авторитарниот модел на воспитување на децата според кој децата се покорни и послушни на авторитетот на таткото е заменет со демократски модел кој ги става децата на еднакво рамниште со родителите.

Како модерното време, влијае на меѓусемејните односи, посветување на внимание на еден со друг, воспитување на децата, разговори?

- Модерното време и технологијата значително влијаат на меѓусемејните односи и динамиката во семејствата. Социјалните медиуми и дигиталните комуникациски платформи ја намалуваат интеракцијата лице-в-лице и го намалуваат квалитетот на комуникацијата во семејството. Родителите сè повеќе ги користат телефоните и таблетите за да ги смират или забавуваат децата, а и самите тие поминуваат многу часови со своите телефони. Нашите истражувања покажуваат дека се зголемува бројот на млади луѓе кои односите во семејството ги оценуваат како ладни, далечни и кои не се чувствуваат блиски со ниеден член од семејството. Од друга страна, балансот помеѓу работата и семејството е еден од најголемите предизвици на современите семејства и родителите имаат се помалку време да поминат со семејството. Важно е тоа да се искористи квалитетно.

Колку економскиот фактор влијае врз едно просечно македонско семејство, како и сиромаштијата која е извор на многу други нуспојави во едно семејство?

- Економската нестабилност и ниските плати претставуваат значителни предизвици за македонските семејства. Финансискиот притисок влијае на нивната способност да ги задоволат основните потреби, да си дозволат здравствена заштита, да обезбедат квалитетно образование за своите деца и да планираат за иднината. Сиромаштијата, посебно, може да има длабоко влијание на семејствата, предизвикувајќи различни негативни последици како што се здравствени проблеми, образовни пречки, социјална исклученост, конфликти, зависности и семејно насилство. Девијантните појави во семејството, често се поврзуваат со сиромаштијата.

Отсекогаш сме учеле дека семејството е најважно, а тоа ни го потврдува и секојдневното живеење. Тоа е место каде учиме за навиките, за емоциите, вредностите во животот. Што е со семејните вредности кои се неопходни за општествениот развој, дали тие го заслужуваат своето место во денешното модерно општество?

- Семејните вредности се менуваат и еволуираат со текот на времето, одразувајќи ги промените во општеството и културата. Пред 50 години, семејните вредности во Македонија биле традиционални и често се фокусирале на стабилност, заеднички живот и јасно дефинирани улоги во семејството. Повеќе се придавало значење на духовните вредности и солидарноста, почита кон постарите толеранцијата биле повеќе изразени. Денес материјалните вредности имаат поголемо значење, а индивидуалноста и личното задоволство е на пиедесталот на пирамидата на вредности. Ние често да знаеме да кажеме дека по осамостојувањето во нашата земја се изгубиле добро познатите социјалистички вредност, а сè уште не се усвоени доволно нови вредности.

Секако дека вредностите имаат важност и во денешното општество. Ни даваат чувство на припадност и идентитет и не учат што е добро, а што лошо. Без вредносен систем би биле целосно изгубени и подложни на сите девијантни појави. Во семејството првично се градат вредностите и би рекла дека иако е важно е семејствата да одржуваат дел од традиционалните вредности живи, неизбежно е да усвојуваат и нови модерни вредности.

Нема дефиниција за тоа како да се биде добар родител и како треба да се градат мостови помеѓу родителот и детето, најверојатно тоа доаѓа инстиктивно. Но колку е важна комуникацијата и разговорот во семејниот круг?

- Родителството се учи. Не се раѓате како добар родител, туку треба да се потрудите да станете добар родител. Едукацијата е многу важна, особено пред да имате дете, но и понатаму во сите животни фази на семејството и родителството. Родителите честопати не се свесни дека со своето однесување или со својот родителски стил на воспитување им наштетуваат на децата. Ние, на Институтот за семејни студии, се залагаме за воведување на задолжителна родителска едукација пред раѓање/посвојување дете.

Подготовката за родители би требало да вклучи едукација за грижата, воспитувањето, комуникацијата, родителските стилови на воспитување итн.

Неодамна со вашите колешки од Институтот за семејни студии, проф. Д-р Ирена Авировиќ – Бундалевска и проф. Д-р Ангелка Кесинкова ја објавивте монографијата „Современото македонско семејство“, што содржи оваа монографија?

- Современото македонско семејство е монографија посветена на карактеристики и промените на македонското семејство, но и семејствата генерално. Може да се нарече експедиција на семејството како институција и претставува доказ за сложената динамика и приспособливост на современите семејства. Започнуваме со сеопфатно испитување на повеќеслојната природа на семејните дефиниции, длабинска анализа на различните модели на семејството и истражување на променливите парадигми на бракот и родителството, продолжуваме со многуте предизвици со кои се соочуваат семејствата и заокружуваме со претставување и разработка на семејната едукација како концепт неопходен за поддршка на современите семејства.

Врз какви темели според вас се гради едно современо македонско семејство?

- Современото македонско семејство се гради во услови на силно изразена глобализација, развој на технологијата, демографски, општествени и социо-економски процеси и предизвици. Растргнато помеѓу традицијата и модернизацијата, помеѓу индивидуализмот и семејниот колективизам.

Возрасната граница на една жена да стане мајка, во изминатите години се поместува. Се почести се примерите на жените да се остварат како мајки во 30-тите или 40-тите. Пред да ја одберат улогата на мајка ја одбираат професијата. Што мислите зошто тоа е така?

- Да, се одложува бракот и родителството и жените се подоцна го раѓаат своето прво дете. Речиси и да нема земја во Европа каде што просечната возраст на раѓање на првото дете е под 30 години. Ова се должи на посветеноста на жените на образованието и кариерата, желбата за независност и индивидуализмот. Младите луѓе не се подготвени да ги жртвуваат своите интереси, желби и потреби за другите. Потрагата по лична среќа, задоволство и исполнување на професионален план е најважна и децата се сметаат како пречка, товар. Се поголем е бројот на млади луѓе кои воопшто не сакаат да имаат деца.

Габриела Додевска Глигоровска