Живееме без паника бидејќи дома немаме телевизор: Ирена за предизвиците на семејството Лозана со коронавирусот
Ирена Лозана е жена која носи многу инспиративна приказна со себе. Сопруга и мајка на три деца, со животна адреса во Скопје. Откако на нејзиниот син Кан му е дијагностициран аутизам, нејзината животна мисија се насочува кон децата со нетипичен развој и нивните родители.
Отворено и искрено, оваа жена борец, за Женски Магазин раскажува за животните предизвици на семејството Лозана во време на домашна изолација поради присуството на КОВИД-19 во нашата земја.
* Како се справувате со досадата во домашна изолација, што правите со вашите деца?
- Досадата е здрава за креативниот ум. Нас не ни е многу нова состојбата седењето дома, многу често барем во Македонија семејствата со деца со поинаквости се веќе навикнати на некаков вид на изолација, така да ние си поминуваме убаво дома и се радуваме на секое гушкање, скокоткање, на долгите разговори, на играњето на компјутер, гледање филмови заедно, цртање боење, пливање во када, сончање со отворени прозори во среде соба, маскирање, готвење по нови рецепти, хулахоп, јаже, трамболина, качување и нишање на јаже, возење ролери по дома, темперна на сите страни, поголема грижа за здравјето.
* Дали во вас владее страв и паника поради ситуацијата, особено дека имате дете со аутизам?
- Стравот и паниката не се дел од нашето живеење, сите во семејството се трудиме максимално свесно да се однесуваме во однос на сите информации кои доаѓаат до нас. Една од позитивните работи кои ни помагаат да не живееме во паника е фактот што дома немаме телевизор, па имаме можност да се информираме свесно и селективно во врска со целосната состојба со вирусот. Што се однесува до состојбата на моето дете, за среќа ние немаме дополнителни состојби и дијагнози кои директно би придонеле кон намален имунитет и ризик за полесно заболување. Но и покрај тоа многу свесно работиме на тоа да имаме добра комуникација за да не се создаваат дополнителни стресови кои директно влијаат на намалување на имунитетот и поголема подложност на разболување.
* Како се заштитувате во ова време невреме?
- Се придржуваме на сите препораки дадени од институциите, се радуваме на заедничкото бидување во домот, се трудиме да јадеме колку што е можно посвесно и поздраво, вежбаме, танцуваме и многу разговараме. Излегуваме само ако е неопходно, и секако со целосна почит кон сите кои ги среќаваме се обидуваме да бидеме максимално свесни и внимателни за сите останати околу нас.
* Дали пазарувате одговорно? Што ќе им препорачате на оние кои тоа не го прават?
- Јас лично го разбирам стравот на луѓето и паниката која ги тера да прават погрешни чекори од погрешни причини, но тоа не значи дека не треба да почнеме посвесно да правиме се што правиме. Што се однесува до нашите набавки во домот ние уште пред скоро 1 година воведовме практики и храна каква што беше препорачана за Кан. Препораката беше да се намали глутенот, казеинот, месните и млечните производи, така да сите во семејството го сменивме начинот на исхрана. Бело брашно,бела сол и бел шеќер не сме купиле со месеци пред вирусот. Сега имам набавено само суви мешунки со количини за 1 недела, а се друго си купуваме тековно за не повеќе од 2 дена, како и обично. Максимално се фокусираме на зеленчук и овошје, и тоа што повеќе во сирова форма или цедени сокови од овошјето... Со еден збор, во што е можно поздрава форма.
Обетки од портокал, направени од ќерката Ава* Дали сте за онлајн едукација на децата во училиштата?
- Да, ние како едни од семјствата кои многу одамна размислуваа и се залагаа за домашно школување сметаме дека онлајн часовите се најубав начин да се испорачаат потребните знаења и информации, организирани и подготвени за секоја возраст.
* Што ќе им порачате на нашите граѓани во ваква ситуација?
- Како што велат во секое лошо има нешто добро... Факт е дека вирусот зема некаков процент на животи низ целиот свет, но исто така факт е и сведоци сме на многу поголема бројка на одземени животи од други хронични заболувања кои се најмногу како резултат на нездравиот начин на живот и подложеноста на хроничниот стрес. Во трката за таканаречен гол опстанок на повеќето луѓе од една страна, но и немилосрдното газење поради нездрав профит од другата страна, не ни застануваме да погледнеме дека во суштина тоа што го правиме не е за опстанок туку за нереални социјлно наметанти однесувања кои само ни ја цедат енергијата безполезно. Сега сме приморани да застанеме, да бидеме со нашите семејства, да се запрашаме колку вистински важни животни вештини поседуваме и владееме и колку квалитетни знаења и способности моделираме кај нашите деца. Сега имаме шанса полека да станеме од кревет секое утро без брзање, да си кажеме по една две благодарности, да вдишеме и издишиме со свесност и внимание... имаме можност да го видиме сиот труд на нашиот партнер вложен во куќата и во децата и колку тоа изгледа сосема поинаку кога сме директно вклучени во процесот. Сега имаме шанса да и оставиме простор на планетата да здивне и ние заедно со нејзе. И сите заедно, да се прочистиме и повторно да воспоставиме некои стари и докажани вредности во хармонија со природата. Навистина прекрасен момент за комплетна саморефлексија на нас самите и општеството кое го градиме.
Кан прави палачинки
* Една среќна порака во вакви денови.
- Бидете среќни што сте живи, што во секој нареден момент имате шанса да почнете да ја создавате својата нова приказана. Со сета технологија и огромниот број на преубави информации кои циркулираат, нека биде свртен фокусот кон растењето, кон работата на себе, бидејќи и така не постои ништо надвор од нас, и се што треба да направиме се наоѓа пред се во нас самите. Бидете најдобрата верзија од себе за да ги инспирирате и останатите да живеат подобро и посреќно со самите себе.
Даница Караташова