Живеј и остави да живеат
Една од работите кои ги правам веќе како
вообичаен ритуал за да ме фати сон (откако очите ќе почнат да откажуваат
послушност за читање, па почнувам книгата сé поблиску до носот да ја приближувам) е вртење
reels на инстаграм. Да бидам искрена, пола гледам а
пола не гледам, пола разбирам а пола не разбирам, па ја гњавам ќерка да ми
објаснува некои поими или што е сега модерно (тука имате превртување со очи и
во погледот и’ читам дека сум досадна). Инаку, многу сакам
да гледам онакви кратки видеа со готвење, особено оној Французинот што ми личи
на мускетар и кој прави чудесии од секакво овошје. Патем речено, ми се допаѓа
што го има моментот на блискост со муштериите и оние кои го следат, па додека
прави колачи и кроасани еден куп луѓе го гледаат однадвор. Шмекерскиот дел е
кога е целата работа завршена, па типов излегува со тоа слатките (вода на уста
да му дојде на човек) и ја почeстува насобраната
публика. Малку треба за да се покаже почит која многу значи, нели?
И сега, по некојси алгоритам што ме вади од ум секогаш, оти малку е језиво кога сте пребарале нешто на интернет па после само ви се редат такви видеа на социјалните мрежи (памет во глава што пребарувате), почнаа да ми излегуваат само видеа со готвење. И тоа само видеа со мажи кои готват. Ок, со ќерка отсекогаш сме го гледале оној Гордон Ремзи кој има праг на толеранција како жена во менопауза и на кој некогаш ми иде да му ја треснам една колку е груб со натпреварувачите, демек така се покажува авторитет. Нејсе, немам некој особен став за тоа кој е подобар в кујна, дали мажите или жените оти мислам дека многу жени биле в кујна оти така се очекувало од нив, а не дека им било голем ќеф. Ако тргнам од себе, никогаш не ми било нешто забавно готвењето (сум имала свои моменти, не велам не), оти толку спремање и труд, па еден куп чинии за миење за чин кој трае неполн час. Знам, знам....јас сум од оние кои јадат за да преживеат и не сум гурман кој ужива во спременото или декорираното. Имам доведено до совршенство неколку колачи и вафли и од мене и благото, толку.
Но, да се вратам на муабетот. Ми излегува видео од еден тип, Италијанец кој (да простите) има обичај на сé што прави во кујна, да даде сексуален предзнак. Просто неверојатно како сликовито симулира предигра и секс, што не само што не ми изгледаше убаво, туку и ми создаде одбојност. Замислете си маж со плочки целиот (оти готви или со раскопчана кошула до пупак, или без кошула), црна гелосана коса, тестостерон вреска на сите страни и тој маж го плеска тестото многу еротски, па нешто демек лиже шлаг, па со прстите симулира чин кој не остава многу на имагинацијата. Ако одиме по мојот вкус, ќе ви кажам следново. Никогаш, ама никогаш не ме привлекувало кога нешто ми боде очи, со наметливост и глумење шокантно. Ако те бива, те бива. Кога правам паралела меѓу Французинот погоре спомнат и Италијанецот во смисла на готвење и начин на презентација, првото ми е софистицирано, а второво вулгарно. Башка, што сум осетлива на желудник, па тоа лижење на храната ми прави да ми се наткрене желудникот. И згора на сé, тука е и мојот личен став и вкус дека не сакам такви замазнети и залижани мажи кои се опседнати со изгледот и кои мислат дека женска публика се привлекува со евтини финти. И ете ме мене со мојот став или предрасуда (и двете се точни, што и да одберете) како одам да свртам по коментарите кои (како така да треба) 90% се оставени од жени. А жените во голем дел воодушевени, па бараат рецепти, па искажуваат желби да се на местото на шлагот или тестото итн.
Тука сфаќам дека тоа што мене не ми се допаѓа и тоа што ме згрозува, ама ич не значи дека е исправно. Или во превод, живеј ама пушти ги другите да живеат и тоа онака како што сакаат и им е убаво. Зошто и по кој критериум моето мислење треба да е точно? Демек јас сум софистицирана? Ако сме искрени, моето софистицирано за некого е заостанато, моето елегантно за некого е старомодно и неприменливо. Од каде идејата дека мажите со плочки не се згодни? Да, мене не ми се оти секогаш ми доаѓа една комична споредба во глава како паѓам и ме придржува некој таков плочкаст тип, од чии дефинирани и цврсти мускули имам потрес на мозок (работава, ќе скршиш колк на земја или глава на “нечии секси мускули”). Па има жени кои обожуваат мускулести мажи и кои се гадат од она што мене ми се допаѓа. И тука ми доаѓа главната дилема за тоа зошто секогаш се трудиме да наметнеме она што ние сакаме, она што нам ни се допаѓа или она што нас нé прави да се чувствуваме добро?
Од каде потребата да издоминираме на било кој план, особено кога е нечие мислење во прашање и тоа кога е различно од нашето?
Еве, секогаш пред Нова година ја читам Ина Многуфина која знае да ме насмее со приказните од филмовите за Божиќ кои ги даваат на Нетфликс, ама интерпретирани во наши услови и под наши околности. И навистина, кога ќе направите споредба на приказната како некој/а богаташ/ка оди во селце и таму се наоѓа со својата прва љубов и имаат хепиенд, со нашите села, обичаи и услови, е комично. Има тука поента која таа многу интересно ни ја сервира (а која е многу точна) дека ништо не е баш така како што изгледа и дека сепак мора да има доза на реалност во секоја (навидум) совршена љубовна приказна. Ова е баш како бајките кои секогаш завршуваат со “си живееја среќно и весело”, без да има приказна што се случило меѓу принцот и принцезата после 5-10 години брак. Но, и покрај мојата свесност дека реалноста е дијаметрално спротивна со филм, ако ви кажам дека сите филмови со божиќна содржина ми се зачувани (што не значи дека ќе се изгледаат, ама голем дел и ќе ги свртам) веројатно дел од вас ќе ми се потсмеваат. И ако порано немаше да кажам вака отворено дека некогаш баш и не ми е до тешки и длабоки филмови кои ќе ме распарчат на 100 дела и од кои ќе се преиспитувам себе која е смислата на мојот живот, сега баш ми е гајле кој што мисли. Особено, што живеејќи брзо, стресно и како ме мава климаксот, некогаш овие лимонади ми се иљач за умов.
Станавме сите експерти за тоа што треба да се чита, слуша, гледа. И не е спорно дека секој верува оти неговото е најпаметно, најмудро и најисправно. Ама спорно е кога сите сме со ниет оти нашето треба да е земено за точно, без исклучок. Таквото наметнување и девизата “живеј, ама сите треба да живеете по мое” ми е дрскост и плиткост од многу аспекти. Не може да се декларирате како слободоумен и широк човек, а од друга страна да сте полни предрасуди и осудувања. И ај тоа, туку и потсмевања, па креативни статуси на социјални мрежи. Да, не сакам турбофолк оти ниту психата ниту увото ми ја разбираат таа музика, ама која сум јас да кажам на возрасен човек што да слуша. Она што сакам е образованието да им предочи на децата (преку носење во театар или филхармонија) дека има повеќе жанрови на музика, претстави, филмови. А кој што ќе одбере, тоа е веќе користење на правото на избор. И да, имам дома книги кои се од секаков карактер и за кои не должам никому објаснување или (скраја да е) оправдување.
Некако ми стана голема и преголема дрскост да се правиме најпаметни. Не за друго, туку некогаш тие што најмногу дробат како треба или не треба, ги нема никаде кога треба да се покажеме на дело со конкретни дејства или помош. Изгледа дека ЖИВЕЈ И ОСТАВИ ДА ЖИВЕАТ уште долго ќе ни е само нешто со кое ќе плакнеме уста. И да сме на чисто...не е дека немам предрасуди и дека не се фаќам себеси кога ќе ми пролета низ глава ситуација во која сум се правела попаметна одошто сум. Не е дека го немам оној прв импулс да кажам како треба или да посочам како не треба (сега некој со право ќе си рече, која е бе она да ми кажува дали треба да наметнам нешто или не), ама ако е некаков изговор, се трудам да сум будна. Да, баш така. Да сум будна кога говорам и кога правам нешто за да научам оти сечиј избор е ок и дека не е мое да се мешам или да солам памет....сé додека тоа не ме загрозува мене лично или моите блиски.
Има голема мудрост во ЖИВЕЈ И ОСТАВИ ДА ЖИВЕАТ, мудрост која бара голема самокритичност, широчина на умот и почит кон сето она што не е во нашата матрица на живеење.
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Вака требало
Онака не требало
Вака се правело
Онака не се правело
Сите мудри и премудри
Сите умни и најумни
И секој гледа во туѓиот двор
Повеќе отколку во својот
Иако неговиот полн смет е
Вака било точно
Онака било погрешно
Вака било поубаво
Онака било грдо и неубаво
Секој сол да дотури
Та после манџата не чинела
Оти пресолена била
Та не можела да се јаде
И човек ко човек
Никако да разбери
Оти негово не е
Туѓиот живот да го натокми
Ниту негово е
Да суди во туѓ дом како е
Ами да си ја гледа живеачката
Да гледа нему оџакот право да му чади
И во постелата негова сé токму да е
Оти мудроста не лежи
Во пикање носот секаде
И во покажување со прст кон секого
Нема мудрост во тоа да се вмешаш
Онаму каде што местото не ти е
И во она што некој друг го живее
Ама човек
Пусто човек тешко учи
Оти треба да живее по свое
И треба другите да ги пушти
По нивно да си тераат
Та сé да си биде кој како милува
Дур некој некому зло не стори
Дур некој некому зло не натокми
А дотогаш....
Дотогаш јазикот зад забите
А устата затворена
Без многу аздисување
Без многу паметување
Оти ништо на светот и векот нема
Што е послатко и поубаво
Кога живееш како што тебе ти е арно
И тоа среќа ти носи
И кога си широк во мислата
За да ти е убаво кога другите живеат
Токму онака како што душата им бара
Токму онака како што срцето им вели