Знаеш да ја пееш химната? Еднаш у школо на патронат!
- А, знаеш да ја пееш химната?
- Еднаш у школо на патронат.
Ова е дијалог помеѓу поп-ѕвездата Тамара Тодевска и шоуменот Игор Џамбазов во новогодишно издание на „Преспав“ кое ќе се емитува на 31 декември на МРТ1. Пејачката која дефинитивно ја одбележа 2019 година, прво со историскиот евровизиски пласман за нашата земја, а подоцна и со ненамерната грешка при интонирањето на химната, ќе ја гледаме во специјалната епизода од хит-серијалот.
Принтскрин од најавата за новогодишниот „Преспав“- Знам дека направив голема грешка и навистина ми е жал за се што се случи. Не велам дека ми беше лесно тие неколку денови, но од друга страна јас знам која сум, знам што сум и знам во што верувам и ниеден лош коментар или навреда тоа нема да го промени. Македонија е мојата татковина. Земјата која ме направи појака, похрабра, помудра. Земјата во која растат моите деца и земјата со која се гордеам. Се во животот е лекција, а јас ја научив мојата - изјави пред неколку месеци Тодевска за „Фокус“ откако се соочи со многу напади и навреди на социјалните мрежи.
По огромниот успех со „Proud“, Тамара се врати на европската музичката сцена со новата песна Monsters позади која стои истиот тим кој работеше на евровизискиот рефрен.
- Последните неколку месеци се посветив на снимањето на мојот нов албум, а Monsters е само мала најава за она што ќе следи во наредниот период. Албумот го работам со Роберт Билбилов, Дарко Димитров и со Лазар Цветковски. Македонските текстови ги пишува Игор Џамбазов, а за англиските е задолжен Коста Петров - информира Тамара.