Кај нас има подобри доктори и храната е повкусна, тука сѐ е вештачко и без вкус: Зои Блаж за животот во Германија и за шминкерството
Зорица Матијашиќ или позната под псевдонимот Зои Блаж е мејкап артистка од Скопје и девојка која секогаш внимава на својот изглед и се грижи за својата внатрешна и надворешна убавина.
По свадбата со ракометарот Тадеј Матијашиќ од Словенија, Зои се сели во Германија. Таму живее со сопругот и се посветува на инфуенсерството, секојдневно споделувајќи совети за убавина и мода за девојките кои ја следат.
За Женски Магазин, Зои раскажа за љубовта кон шминкањето, но сподели и дел од својот живот во Германија.
* Опишете се себеси во една реченица.
- Жена која знае што сака, секогаш позитивна, насмеана, љубезна и расположена за друштво.
* Љубовта Ве натера да се преселите во Германија. Колку Ви беше тешко на почетокот, што најмогу ви недостасуваше од дома? Колку всушност се разликуваат Македонија и Германија?
- Ух, овде мислам дека можам роман да напишам (се смее), уште на сам старт кога почнавме со Тадеј да излегуваме знаев што ме чека, па и брзо прифаќав промени, конкретно јас не ја сакав Германија отсекогаш ми била одбивна држава... На почетокот и не бев баш среќна што сме тука, ми фалеше првенствено работата што си ја градев во Македонија, моите, другарките и внук ми Лука, за него до ден денес си тагувам дека расте, а јас не сум 24/7 до него како кога беше мал. Имав период кога постојано плачев бидејќи тука не работам (освен социјални медиуми,соработки и сл.) постојано бев сама и ја купивме Хајди (кучето) па ми се смени малку животот. Ми фали храната бидејќи тука апсолутно ништо не е вкусно, сѐ е вештачко и без вкус. Еве после две години се навикнувам некако и си прифатив дека морам да научам јазик и дека стварно тука за фамилија има многу поволности, од здравството не сум многу воодушевена (зборувам за ова место каде што сме сега и од мое искуство) имаат апаратури сѐ, ама некако доктори кај нас има многу подобри.
За среќа Тадеј доби нова понуда, па се тешам со тоа дека ќе се селиме во лето во поголем град и таму ќе ни биде подобро.
* Се испробавте и во пеењето, но и во „Јутуберството“. Зошто се откажавте од овие професии?
- Пеењето е секако моја прва љубов ама некако го прераснав тоа, јас сум човек што сака да менува и да учи, сега пеам за ќеиф на пријателите, а тоа ме прави многу посреќна, „Јутубот“ ми е на пауза бидејќи многу време ми одземаше, а и искрено ништо не ми се случуваше за да имам интересен контент и се размислувам да му се вратам бидејќи многу луѓе ми пишуваат дека им фалат такви видеа.
* Сега веќе долги години работите како професионален шминкер. Зошто на крајот се одлучивте за оваа професија. Од каде љубовта кон шминкањето?
- Шминкањето е нешто што отсекогаш сум го сакала и уживала да го правам, секогаш ги шминкав другарките, роднините и постојано ми велеа зошто не отвориш салон, потајно отсекогаш сум сакала да биде тоа моја професија ама не бев многу сигурна на почетокот. Сега можам да кажам дека шминкањето и таа работа многу ме сменија во животот, среќните насмевки на моите клиенти никогаш нема да ги заборавам. Јас сум човек што ја обожава уметноста, а шминкањето е една од нив и цел живот би го работела.
* Дали сте шминкале познати личности? Ако не, која позната личност би сакале да ја нашминкате, што би ѝ истакнале?
- Сум шминкала многу познати кај нас , еве неколку што се сеќавам - Лара Иванова, Дани Димитровска, Ведрана, Благица Ѕунзуровска, Стојне, Илариа Кирилов, Валери , Сања Лалала, Ксенија Николова, Барбара и многу други.
* Што е специфично за Вашето шминкање. На што најмногу обрнувате внимание кај клиентките? Дали ги слушаат Вашите совети или кога ќе дојдат знаат како сакаат да ги нашминкате?
- Најпрво јас се запознавам со клиентот за да го осетам карактерот и што би можела да износи. Секогаш се консултираме како би сакале да изгледаат и повеќето го прифаќале моето мислење, и сум за тоа дека треба да се препуштите на шминкерот за да може да ви ја истакне вашата убавина, Многу пати се прават грешки од типот - гледаат на интернет некој модел кој што има совршен фотошоп и сакаат да бидат исти, па некогаш и не ме разбирале што им зборувам ама секогаш си оделе со насмеани лица. Јас најмногу сакав да шминкам истакнати очи со совршен тен и „nude“ усни, сепак мислам дека првенствено кога гледаме некој, гледаме во очи.
* Дали сте имале некоја непријатна ситуација со клиентка, која не си се допаднала, па направила испад или плачела?
- Имав со една жена која сакаше носот да ѝ го исправам со контури ... Јас ѝ кажав дека дошла на шминкер, не кај пластичен хирург... Ама го свртевме на шала разговорот и на крај беше среќна.
* Дали поддржувате естетска хирургија или природен изглед?
- Подржувам сѐ што не е изветоперено и нема да личи на самата себе... Јас лично сакам поприроден изглед, имам правено уста пред три години последно и толку, океј ми е да ставам ботокс.
* Што мора да има во несесерот на една дама?
- Пудра за сетирање, туферче, кармин и молив за уста, огледало.
* Кои се трендовите на шминкање за ова лето 2024 година?
- Природен изглед дефинитивно на прво место, „латина мејкап“ и сенчан туш.
* Често споделувате идеи за модни комбинации на Вашиот Инстаграм профил. Кажете ни кое е парчето кое најмногу ќе го носите претстојното лето?
- Обожавам мода и секогаш се трудам да бидам средена. Летен период најмногу сакам фустани да носам или елече со здолниште, фармерки, панталони, шорц. Тоа сѐ носам кога одиме во Словенија и Македонија, тука во Германија е скоро секогаш ладно па во тие најтопли две недели можам да се облечам летно иначе сум во долги ракави.
* Што е најважно за убавината на една жена? По кои принципи за убавина се водите Вие?
- Јас секогаш велам сите сме убави на свој начин и секогаш наоѓам нешто убаво во секого. За мене убава жена е негувана жена или жена која се грижи за својот внатрешен и надворешен изглед
* Мото кое ве води низ животот.
- Имам неколку :
„Подобро да ви завидуваат отколку да ве жалат.“
„Не прави го она што не сакаш да ти го прават.“
„Биди добар и хуман човек затоа што сакаш, а не за да ти се возврати со добро.“
„Таа рака што дава, никогаш не се суши.“
*Д.Караташова Илиоска