Зошто можам да се откажам од сѐ, ама од тебе никогаш
Денес, повеќе од никогаш досега, имав потреба од пет минути само за себе. Пет минути да бидам ЈАС - не сопруга и мајка, туку само ЈАС. Мала, безгрижна ЈАС која сака да избега од реалниот во нереалниот свет, но тоа не го направив. Денеска, кога како никогаш досега имав потреба да бидам сама, одлучив ти да бидеш со мене. Тука на гради, што поблиску до срцето.
Требаше да го исчистам нередот во кујна - но не го направив тоа.
Требаше да ја извадам облеката од машина, да ја ставам да се суши, да го испеглам она што е суво и да ги здиплам - но не го направив тоа.
Требаше да искористам две слободни минути да се истуширам, можеби да ја измијам косата и да ставам нешто шминка на себе - но не го направив тоа.
Можеби немаше да биде лошо да одговорев на е-мајловите и да ги проверев пропуштените повици, а кои беа доста во изминатите седумдесет и два часа.
Би било добро да се исчисти станот, да се избрише прашина од книгите, да се соберат расфрланите работи од под. И да , да јадам, би било добро да јадам, велат дека треба редовно.
Размислував така заспиена да те однесам во соба и да те ставам во креветче, и да се фрлам на работа.
Не направив ништо што требаше да направам, се оставив за „подоцна“, бидејќи твоите мали ножиња толку цврсто се споени околу мене што немам сила да ги раздвојам и спуштам во креветче. Не направив ништо што требаше да направам, бидејќи наместо се тоа јас избрав да те држам. Со раце, тука крај срцето. Избрав да те слушам како дишеш додека ножичките се уште ти се залепени за мене, а твојата глава е на моето срце. Се тоа сега е тука во мои раце, а ми се чини како вчера да ми беше во стомакот, исто толку малечка и стуткана.
Сите мои планови и „можеби би требало тоа да го направам“ паѓаат во вода, бидејќи избрав да те држам. Ти си мој (не)мир и исполнување на сон. Ти си моја бура и мирно пристаниште. Ти си мој прв и единствен избор. Ти си мое СЕ!