Животна училница // Приказни
Вакцини, придобивка или опасност?
„Јас не вакцинирам, еве моето дете е супер“-вака се фалат родители на социјалните мрежи. Ова не е редок случај. Често се покажува со прст на медицината, на фармацијата, дека сите тие само трујат. Така се создава група на луѓе кои сакаат да ја рашират вистината за вакцините.
Секоја година се зголемува бројот на родителите, не само кај нас, кои отворено и гласно негодуваат во врска со вакцините. Посебно изразено е негодувањето и дебатата во врска со озлогласената ММР вакцина, за која нашироко се објаснува дека е виновна за појавата на аутизам кај децата.
Сепак, не треба да се заборават и научните факти. Постојат бројни истражувања кои ја демантираат ова приказна која се пласира во јавноста, посебно благодарение на моќните социјални мрежи. Последното истражување е направено на светско ниво. Во истражувањето биле вклучени над милион деца. Резултатите укажаа дека не постои зголемен процент на аутизам кај деца кои ја примиле оваа вакцина, во однос на децата кои не ја примиле.
За жал, кога еднаш се појави оваа темата на отворена дебата, ширењето на податоците и ставовите не може да се закочи. Тешко е да ги натерате луѓето да прифатат нешто денес. Наместо да се верува на истражувањата на официјални медицински установи, сепак денес се почесто се верува на т.н борци против фармацијата. Дел од нив се бават со надрилекарство и навистина е тешко да го убедите луѓето дека тие не се во право. Мајките кога ги слушаат тие ставови, лесно ги фаќа паника. Тоа потоа продолжува да се шири како вирус.
Тешко е потоа да се објасни дека детските болести во глобала се случуваат некаде во истиот период кога се реализира имунизацијата. Токму затоа, многу поедноставно е мајките, за да ја смират својата паника, да донесат одлука водена од емоциите. Во целата атмосфера, дополнителен зачин се и непрофесионалните медиуми кои наместо вистински и професионално да истражуваат, полесно им е да пласираат трогателни приказни кои дополнително ќе ја запалат јавноста.
Реакциите против вакцините не се јавуваат само сега. Се јавувале и претходно. Во Англија во 70тите години од минатиот веќе се рашири приказната дека вакцините против големата кашлица се штетни, а се резултат на фармацијата и нејзините интереси. Големата кашлица која беше искоренета како болест, се повтори кај голем број деца. Брзо потоа луѓето ја сфатија поуката и почнаа повторно да ги вакцинираат децата, по што болеста се повлече.
Психолозите направиле истражување како се раѓаат периодите на движење против вакцините. Откриле дека еден од главните проблеми е фактот што младите мајки никогаш не живееле во време кога некоја опасна болест напаѓала сериозно. Тие не живееле во време кога илјада бебенца умирале од таквите болести против кои се вакцинира. Оваа илузија води до ирационални постапки. Мајките живеат во уверување дека тие болести се минато, па одлучуваат да не вакцинираат. За жал, тоа може да не исправи пред сериозна опасност.