Ана Бунтеска: Прегладнети
Ја изгризавме папочната врвца меѓу нас
Како ненајадени
Прегладнети за три животи
Ко да не сме виделе полна трпеза
Па со празни стомаци кои вијат
Си ја изглодавме среќата како пес-коска
Без да мислиме утрото што ќе ни донесе
И без сомнеж дека живи ќе го дочекаме
Ја изгризавме врвцата која душите ни ги спојуваше
Та од твојата, мојата сита беше
А од мојата, твојата за најаска имаше
Ама пуста алчност за повеќе
Та стрвни за уште еден касај живо месо
Си ја искасапивме љубовта ко парче мрша
Од кое ниту ти се најаде
Ниту мене гладот ми мина
Си ја изгризавме врвцата
Онаа која мислите ни ги врзуваше
Та секоја твоја за мене
Трепет во срцево ми правеше
А секоја моја за тебе
Насмев ти мамеше
А сега ниту ти на мене мислиш
Ниту јас можам да те насмеам
Изгризавме се’ што не’ спојуваше
Без да знаеме
Без да имаме усул оти кревки сме
Си ја изглодавме нежноста меѓу нас
Та само сечилото остана
Си ја изголтавме убоста
Та празни ни останаа чашите
Кои од немукает угоре ги држиме
Како за подбив да ни е здравицата
Поминаа сите приказни
И сите песни изврвеа покрај нас
И ниту трошки оставивме
За назад еден на друг да се вратиме
Ниту помисливме оти меѓу нас
Само бездна црна оставивме
Ниту сити
Ниту гладни
Ниту напиени
Ниту жедни
Само празни и уморни
Како амбисот кој меѓу нас стои
И во кој како ехо имињата ни ечат
Без никакво значење
Без одговор
Без збор...без писмо
За Женски магазин, Ана Бунтеска