Беира Салифоска, лице со оштетен вид втор пат трчаше на „Скопскиот маратон“: „Браво Беки“ - Оваа девојка покажа дека попреченоста, не ѝ е пречка за личен успех
Беира Салифоска првата во нашата земја како лице со оштетен вид, кое одбрани дипломска тема напишана на Брајово писмо, втор пат одговори на предизвикот „Визер скопски маратон“.
Беира заедно со нејзиниот личен асистент Димче успеаја да истрчаат 21 километар.
„Уште еден успешно истрчан маратон! 21 км“, напиша Беки на Фејсбук.
Таа заедно со личниот асистент на Светскиот ден на церебрална парализа, го дадоа својот придонес на еден посебен начин – со трчање на маратон.
„Овој ден не само што не потсетува на предизвиците со кои се соочуваат луѓето со церебрална парализа, туку и на нивната неверојатна сила, упорност и способност да ги надминат границите.
Секој чекор на овој маратон е посветен на подигање на свеста и поддршката за луѓето со церебрална парализа. Заедно можеме да направиме промена – да создадеме инклузивна средина каде секој има можност да ги оствари своите соништа и потенцијал. Да трчаме заедно, да бидеме глас за оние кои го заслужуваат нашето внимание и поддршка!“, напишаа од невладината организација „Видлива поддршка“, каде беше објавена фотографијата со Салифоска.
Во април оваа година Беира го трчаше првиот маратон надвор од нашата земја. Таа истрча 10 километри на маратонот „Александар Велики“ во Солун.
Инспирација на денот: Беира Салифоска, лице со оштетен вид истрча маратон од 10 километри во Солун