Ова е Беира која читајќи ја „Т’га за југ“ од Брајово писмо, ги отвори 63-те Струшки вечери на поезијата

Добивај вести на Viber

63-те Струшки вечери на поезијата, беа отворени на уникатен начин. Покрај музичко-поетскиот перформанс на македонскиот пијанист Дино Имери и традиционалното палење на поетскиот оган, манифестацијата која се одржа во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, владини претставници и љубители на пишаниот збор, имаше еден новитет кој ги воодушеви сите.

Имено, чествувајќи ја 200-годишнината од кодифицирањето на Брајовото писмо, за првпат титуларната песна на „Струшките вечери на поезијата“, Константиновата „Т’га за југ“, беше прочитана од лицето со оштетен вид Беира Салифоска со помош на Брајовото писмо.

И не случајно оваа чест и припадна на Беира. Салифоска бележи успеси на неколку полиња. Во изминатите години таа со својот асистент Диме, истрчаа неколку маратони, работи како теапевт – масер во Институтот за рехабилитација Козле-Скопје, а од неодамна со Диме основаа и Здружение кое ќе се бори за правата на лицата со оштетен вид.

Ова е уште еден позитивен пример за афирмација на лицата со некоја попреченост.

Во продолжение уживајте во маестралната изведба на Беира и „Т’га за југ“ од Константин Миладинов.