8-ми март е повеќе од букет цвеќе: Денеска е Меѓународен ден на жената - не заборавајте зошто се празнува

По Октомвриската револуција, благодарение на феминистката Александра Колонтаи, 8-ми март стана национален празник во СССР кој се користеше како ден за комеморација на херојството на работниците.

Денеска го славиме Меѓународниот ден на жената попознат како 8-ми Март, празник посветен на жените. Создаден е како ден на сеќавање на борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените и мажите.

Денот на жената е востановен на Втората меѓународна конференција на жените социјалисти на 8 март 1910 година во Копенхаген, на иницијатива на Клара Цеткин, лидер на германското социјалистичко и работничко „движење“, за да се воведе ден на вечно сеќавање надемонстрациите на американските работници во Чикаго во 1909 година и Њујоршкиот марш со над 15.000 жени, кои бараа пократко работно време, подобри плати и право на глас.

Долго пред тоа, првите јавни демонстрации на жени вработени во индустријата се одржаа на 8 март 1857 година во Њујорк. Полицијата ги растерала, но жените два месеци подоцна формирале синдикат и благодарение на нивната работа протестите на 8 март станале традиција.

Првата прослава на празникот е на 8 март 1911 година во Австрија, Германија, Швајцарија и Данска. 

Во регионов, првата прослава е одржана во Белград, во тогашниот Народен дом, во 1914 година. Меѓународниот ден на жената наскоро почна да се поврзува со социјалистичките земји. По Октомвриската револуција, благодарение на феминистката Александра Колонтаи, 8 март стана национален празник во СССР, кој се користеше како ден за одбележување на „херојството на работниците“.

Оваа практика ја прифатија и другите социјалистички земји, па ова беше голем празник и во Југославија.

Поради тоа, земјите на Запад одамна избегнуваат да го прифатат Денот на жената. Феминистките почнаа повторно да го слават во 1960-тите, а Обединетите нации официјално го прогласија 8 март за Меѓународен ден на жената во 1975 година.

Меѓутоа, политичкото значење е изгубено со текот на времето, а Денот на жената повеќе не е празник на социјалната правда и еднаквите можности на мажите и жените, туку главно се банализира и се претвора во типичен празник на масовна култура и потрошувачка. Овој текст нека ве потсети дека 8-ми март е повеќе од букет цвеќе и кутија бонбони! Затоа што вистинската еднаквост допрва чека да се постигне!



извор:stil.kurir.rs