Ана Бунтеска: Во главата кога “клик” ти прави

Добивај вести на Viber

Во главата кога “клик” ти прави,

па се сокриваш од сите,

а најмногу од сам себе

и само очите ти светат во ноќта,

а во денот најтемната точка си ти,

со сите стравови,

борби,

сомнежи,

зачнати љубови,

убиени љубови,

отсонувани дијалози,

на глас кажани монолози,

со мисла за смртта,

сокриена зад лажна насмевка,

самоуверена и дрска,

а знаеш дека сето тоа е лага,

па смислуваш приказна,

во која си главен лик,

а спореден во сопствениот живот,

зошто осамата те мачи,

а луѓето те нервираат

и знаеш дека нешто не е в ред,

па се мислиш да појдеш на психијатар,

ама на пола пат назад се враќаш,

шубе ти е да не рече дека си нормален,

оти со лудоста знаеш како да излезеш на крај,

а чувствуваш дека не си ко што треба,

кожата те боли оти душата преширока ти е,

а срцето ти прескокнува како на времето расипана плоча,

во себе знаеш дека не е до времето,

ниту до годините е,

ниту до животот или смртта,

туку до тагата дека е,

се насобрала, натежнала,

згуснала и на клетки се напластила,

ете така ми е, денес така ми тежи светот,

како кога во главата “клик” ти прави.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска