Ана Бунтеска: а да се сретнеме на полпат?

Добивај вести на Viber

А да се сретнеме на полпат?

М?

Што велиш? (прости што нема повеќе

на Вие да бидам)

Еве јас ќе тргнам сега

А мојот чекор бавен е

Нога пред нога, к’о што ме учеше баба ми

Можеби по патот и ќе стокмам две-три фотографии

А можеби само ќе му се радувам на ветрот

А ти

Еве и ти тргни кроце

По пат размисли зошто ми се плашиш

Или зошто не сакаш да мислиш на мене

И не

Не сум пребирлива

Не ми е грижа каде ќе се сретнеме

Дали ќе е тоа кафуле или клупа

Дали е ден или ноќ

Впрочем си ми ги видел брчките и на светлина

А и на сликите не изгледам помлада од 45

Што велиш?

Да се сретнеме на полпат

Ти побелен

Јас разлетана во косава

И може и да молчиме

Не фаќам кусур и за молчалива средба

Ете, ќе си поќутиме заедно

Или ќе дрдориме за времето

Зошто зимава е чудна (и без нас двајцата во неа)

Или дали летото што ќе дојде ќе биде изгор жешко

Подготвена сум

Не се оптоварувам со облека

Ќе ти дојдам во фармерки

Без дрангулии на себе

Со очила за да не се отепам по пат

Со полунасмевка и чуден поглед

А ти дојди како сакаш

Не мора којзнае како да се подготвуваш

Или за да е побезбедно

Прво пиши ми дека ова време е добро

Ова време кое ни е дадено е сосем добро

Оти друго немаме

Ниту ти ќе се подмладиш

Ниту пак јас поубава ќе станам

Ова време е нашето

Или ќе го изврвиме или ќе одмине

Трето нема!

И дај да не се преправаме дека не сме си се случиле

Ајде да не глумиме дека и во безличните зборови

искри нема

Што велиш?

Што мислиш?

Да се сретнеме на полпат?

На тој полпат од нашите животи... м?

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска