Ана Бунтеска: Ако...нека боли
Си ставам синџири од немирни соништа,
кои звецкаат при секој чекор,
потсетувајќи ме да не се затрчувам многу,
колку и да се чини дека среќата е на дофат.
Убава тежина на моите голи нозе,
која со секој погрешен чекор
ми го засекува месото оставајќи траги,
слатко-горка болка која се шири по телово.
Си ставам синџири од пробдеани ноќи,
кои мирисаат на дождливи улици,
враќајќи ме онаму од каде што сакам да избегам,
колку и да се примамливи со својата убост.
Ах, убава е и таа тежина на вратов,
која со секое исправање на главата
ме потсетува дека гревовите за гледање кон небо
се плаќаат со тенок млаз крв.
Си ставам синџири од самотија,
обвиткани неколку пати околу срцево,
потсетувајќи ме дека секое треперење боли,
колку и да е бакнежот полн ветување.
Таа тежина ми е позната, како враќање кон себе,
која со секој допир што ќе си го дозволам,
ме потчукнува по рамото и со насмев ми вели
дека љубовта одамна не врви по мојот пат.
Си ставам синџири,
секаде на телово ги редам,
стегаат и болат,
печат како со сол истриени да се и затегаат на кожава.
Со сите синџири со кои сум обвиткана,
со сите лузни кои ми го красат телово,
со сета љубов и верба која во себе ја носам,
ќе трчам и главата ќе ја кревам,
а срцето нека бие онака како што умее,
на осамата во лице ќе и’ се насмеам
и ако...нека боли.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска