Ана Бунтеска: “Ана ми е името...Ана”

Добивај вести на Viber

Ломотиш

повторно ги ломотиш истите зборови

со нив во утробава јагленчиња ми отпретуваш

за потем во пепел да ги запреташ

молчам и усните ти ги гледам

се движат, а не те слушам

и замислувам дека со конци

некој озгора ти ги движи

како дрвена кукла да си

и ломотиш...ломотиш без престан

па ми стануваш малку смешен

трепкам и погледот го спуштам

малку удолу

и полево

ете , со благо накривена глава

жилата на вратот ти ја меркам

и гледам како ти пулсира забрзано и неправилно

еден...

не ми ја знаеш омилената боја

два...

и не јас, туку ти сакаш чај од хибискус

три, четири, пет...

не помнам кога се кикотев последен пат

шест...

леворака сум и тоа не од неодамна!

седум...

не, нема да патувам со авион,  уплав имам

осум, девет, десет...

не јадам чоколади, по гумените бонбони сум

единаесет...

не сакам да зборувам за детството

дванаесет, тринаесет...

Ана се викам, тоа ми е името!

СТОП

одеднаш чувствувам како љубовта ја абортирам

со една остра и болна контракција те убивам

се вртам и заминувам

а ти ломотиш

уште ломотиш во мојата тишина

дур ми чука едноличен ритам во главата

“Ана ми е името...Ана”

За Женски магазин, постесата Ана Бунтеска