Ана Бунтеска: барем да се дочувавме
еден ден ќе нè нема
и само во спомени ќе останеме
ќе трепериме во нечии срца
ете, во срцата на оние кои нè љубеле
таму уште малку ќе поживееме
дур’ години не изминат
и тие не нè заборават
па само некоја случка ќе ги потсети
дека некогаш едно сме биле
дека сме се љубеле небаре Ромео и Јулија
и на зборови еден за друг сме умирале
а не сме се дочувале
ниту еден за друг сме се грижеле
„ќе говорат за нас, за љубовта наша
долго откако ќе си одиме од овој свет“
еднаш вака ми рече
и тогаш ти премолчив
или кажав нешто сосем неважно
ете, не ни помнам веќе
а сакав да ти речам
дека откако в земја ќе гниеме
ама ич не ми е гајле дал некој ќе ме спомне
или дал’ за љубовта наша ќе се раскажува
како една од оние приказни во кои нема среќен крај
во која и двајцата еден по друг се поболуваат
и тамам ќе се спојат, се одвојуваат
повторно за к’о свеќи да се топат
до следното „без тебе не можам“
за да се помирисаат и изнабакнуваат
љубов да водат дур’ еден не рече
„аман доста, брза помош ќе викаме“
потоа пак за да дувне реалноста
како вител од застоен воздух
и нè фрли на два краја
неjќам
еве ти кажувам дека неjќам така
дека смачено ми е да се поболувам
смачено и од здравеење ми е
повторно истата болест за да ја прележувам
дур’ хронична не стане па нема веќе ниту лек да има
ете нејќам
доста ми е
преку глава и од тага
и од среќа со рок на траење
и од филмови за тоа колку голема била нашата љубов
оти да беше
да е
не ќе го пишувам ова
ниту ти со грутка зборовиве ќе ми ги читаш
оти да беше љубовта наша она што сакавме да биде
сега вино ќе пиевме
и љубов ќе водевме
и ќе се расправавме кој филм да го гледаме
а не вака
вака не, не к’о што нејќам
напишано
прочитано
убиено
занемено
и Господ на помош да му е
не на тој што од нас двајца прв ќе си оди
туку на оној кој ќе остане
ете нему тежината од нашата љубов ќе му остане
која ќе цутеше
ако наша беше
ако судена ни беше
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска