Ана Бунтеска: бегај, чедо

Добивај вести на Viber

„бегај, чедо, од оние

кои медовина в уста имаат

а на рацете

на нив крв носат

бегај од нив

тие, тие жива беља се

дланките ги кријат

ги белат со брашно

и лебот загнасен за да им е

а устите им ломотат

од убо-поубо

како локум

како слатко од вишна

како вода со шеќер

од нив подалеку да си

оти тие душа земаат

душата ти ја мамат

со сладок збор

послужен во кристално чиниче

со сребрено лајче

и чаша вода дури ќе ти дадат

полесно лагите за да ги голтнеш

тие, тие проклети се

оти во срцата црно им е

нит’ за љубов, нит’ за милост знаат

души земаат

во нив својата испоганета ја плакнат

за да им замириса на зелено

од тие да се чуваш

во рацете опули им се

во очите џари им се

таквите белки немаат

црно и таму од срцата им е

од таквите љубовта да си ја чуваш

оти ќе ти избега

к’о песот на комшијана

појќе не го најдоа

чувај си ја душата

и љубовта во неа

затни ги ушите

зборој да не слушаш

оти еднаш ќе се поболиш

а секој ден ќе умираш

пиле мое, пиле мое“


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска