Ана Бунтеска: Би можел ли?
Сакам да те најдам во себе,
да пробуричкам во телово
и тебе во себе да те пронајдам,
некаде меѓу градите и матката,
удобно сместен во мојава утроба,
спокоен и среќен.
Би можел ли во мене да живееш,
да бидам дом за сите твои мисли и страсти,
прибежиште од прикриени стравови,
би можела ли љубов да ти бидам,
онаа која се случува ете така, без умисла и план,
онаа во која мирот ќе си го најдеш.
Сакам “те љубам” да ми кажеш,
без некој повод или посебна пригода,
дури и во сред разговор нежно да изустиш,
небаре ми се причинило,
небаре е дел од муабетот што го тераме,
а потем да продолжиме како ништо да не случило.
Би можел ли тоа “те љубам” во срцето да го сетиш,
измиен и чист од сите кои минале низ тебе пред мене,
како никогаш да не постоеле,
да ослободиш во себе место за моите допири,
за сите нежности кои, проклета да сум ако знам од каде извираат,
но како на тебе да чекале за да излезат од мене.
Сакам, ете сакам твоја да сум,
да знам дека припаѓам во твојот свет,
дека со мене би создал уште еден за нас,
без страв, без бол, без ниту една лоша мисла,
мал свет во кој твоето Ти и моето Јас би се љубеле,
би можел ли со мене да создадеш свет на Ние?
За Женски Магазин, Ана Бунтеска