Ана Бунтеска: Чоек, вистински чоек по очите се познава
За да знаеш шо чоек е
Во очите пули му
Без срам џари се таму
Оти таму пишува она што устата го премолчува
Таму му е душата на чоек
Во пенџерињата
Не гледај му ги цртите на лицето
Ниту брчки дали има
Или носот прав дали му е
И онака со време тоа бледее
Ама очите, тие да лажат не умеат
И ако е арен
Ако е во срцето чист
Тие светат и се смешкаат
Гледај и памети што си видела во нив
На прва ќе знаеш дали е поган
И дали од устата мед му течи
А зад тоа отров извира
Пули му ги очите на чоек
И гледај како тој те гледа
Дали со погледот шара околу
Или и тој така се џари во тебе
Сите прашања се таму
Сите одговори во нив ги има
Дури и на она што и самиот не знае
Заборавивме да се гледаме за да се видиме
Гледаме шминка
Облик на лице и усни
Облека и стас
Ама човечноста изумуваме да ја видиме
Дал ја има ил џаде фатила
Таму, таму пули се
И не се плаши да видиш и она што не ќе го бендисаш
Барем од празни муабети ќе се спасиш
Од губење време и бол
Таму требаше да гледам
А не во тоа колку си строен
За да видам дека си висок, а толку ситен
Убав, а толку грд
Мој, а никогаш свој
Сега стаклава во туѓи стакла ми се впиваат
И таму себе се гледам
Оти изгледа дека љубов не е
Кога ќе те гушне дали добро изгледате заедно
Или дали раката ти е по мерка на неговата
Или дали дланката му лежи совршено на кожа
Љубовта е во очите
Ја има
Или ја нема
И ако ја нема, бегај
Оти никогаш и нема да ја видиш
Никогаш ништо во нив ќе нема
Освен твојата сенка која венее
Очите
Во нив пули се
И ко будала џари се
И ако те гледа ко срна да си
Или како ретко цвеќе
Земај и бегај
Тој ќе те љуби
Ќе знае како
И ќе знае како да те чува
И од сама себе дури
Таму чоештината спие
Во очите негови
Кои ќе светат како кандилца
И ќе те топлат
Оти чоек, вистински чоек
По очите се познава
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски