Ана Бунтеска: Чуму ти е жена како мене
Би ти ги дала очиве, би ги ископала и подарила на дланка,
за светот со нив да го видиш,
за да разбереш зошто не гледам како другите,
зошто ме боли прекршувањето на светлината по влажните улици
и каков отсјај има месечината во мојата душа.
И чувството за мирис од себе би го искорнала,
твое нека е, мене и онака само ме има отруено, еве ти го,
да ја почувствуваш реата на тагата кога ми умира насмевката,
та нека ти заигра срцето на мирисот на зеленото,
а љубовта нека ти мириса на копнежи и скриена желба.
И слухот, да, и него би ти го подарила,
за да ги слушаш ноќите како раскажуваат приказни,
да ја чуеш музиката онака како што мене ме двои на две,
та едната половина згрчена во некој ќош солзи лее,
дур другата како дете разиграно, со кренати раце гргори во смеа.
Би си ги исекла и дланките, допирот да ти го дарам,
за со прстиве да можеш да го погалиш небото,
да ги сетиш облаците колку се воздушесто меки,
да ги напипаш обрисите на телото кое спие до тебе,
за со еден допир да ти се чини оти телото ти е жива рана.
И вкусот, и него би ти го дала,
за да ме разбереш зошто дождот го љубам,
зошто сакам со јазик по вратот да ти минувам,
да не ме гледаш како луда да сум кога ти велам дека тагата има вкус на горчлив сируп,
а среќата е како сладолед од боровинки.
Ете, се’ свое би ти дала за да ме знаеш,
само за да можеш во кожава да ми влезеш,
за да видиш дека зад овој скаменет лик има оган и виор,
љубов за тебе, која себично во себе ја чувам,
оти без се’ друго знам, од се’ друго можам да се откажам.
И еве, те стокмив со сите сетила кои од себе ги извадив,
кои ми носеа бол и најголема радост,
и останав само со љубовта кон тебе во себе,
а ти веќе заминуваш накитен со моите мириси и вкусови, допири и слики,
оти чуму ти е жена која во себе веќе ништо нема, освен една тажна љубов.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска