Ана Бунтеска: Да ми е пак дете да сум
Да ми е пак дете да сум
Со глава во облаци
А облаците шеќерна волна да беа
Леплива и вкусна
Розова и воздушеста
Како мечтите низ непце да ти играат
А душата
Душата чиста и мазна
Како огледало кое силно свети
Оти светот со други очи го гледаш
Дур дете си, дур мал си
Да ми е пак дете да бидам
Со издраскани коленца
Од детска игра рана жива сторени
Поткинати панталони
И џемпер на лактите изветвен
Ама со насмев кој жубори в грло
Со око во кое цел Универзум го збира
И со мали раце
А доволно големи за планетата да ја гушнеш
И на неа цвеќе да посадиш
На неа љубов да засадиш
Да ми е дете пак да бидам
Та да не знам болка што е
Ниту неправда да гледам
Да не можам да сетам кога злото иди
И од мислата лоша да се скријам
Па во секого да можам
Само убоста да ја гледам
Оти децата поинаку не знаат
Ниту поинаку да гледаат можат
Дур не пораснат
Дур за невиност не оќорат
Да ми е да можам
Секој од нас дете да го сторам
И да сопре невремето
Во ова време кое на бура личи
Да можам детството на оние кои сега деца се
Да го продолжам без некој насилно да им го земе
Без страв што утрото ќе им донесе
Без уплав од звуци кои татнат
И кои секогаш во сеќавање ќе останат
Пусто лудо време дојде
Време во кое детето не може дете да остане
Во кое и ние одамна што деца не сме
Заборавивме на среќата...заборавивме на љубовта
За Женски Магазин, Ана Бунтеска