Ана Бунтеска: Да се плашиш од жена која молчи

Добивај вести на Viber

Ко ќе и’ згрешиш на жена 

Моли Бога да ја отвори устата ко чорапа

Ко ламја да почни оган да блуе

Да ти вреска толку силно

Шо и на комшиите страв ќе им биди

Од вратата носот надвор да го извадат

На жена ко ќе и’ згрешиш

Во себе фала да и’ кажиш ако усните ги стисни

И веѓите ги собери за челото да го збрчка

И ко фурија ако почни со тенџерињата да тропа

За шубе да ти биди да ја прашаш и шо има за ручек

Ко ќе налутиш жена пиле

Ко ќе ја налутиш толку многу

Шо ти се чини оти можи да ти скокни

И очите од глата да ти ги извај

А после да оди и да си клај кармин

Без да се потресува оти можиш да искрвариш пред неа

Ич да не му се секираш

Жена дур вика и се лути беља ко ќе сториш

Таа уште те љуби

Е знам де!

Знам оти тука разум нема

Ама нејсе, кога во љубовта разум имало

И да знајш оти така е

Штом уште инаети со тебе тера

И штом можиш од кожа да ја извадиш

Ми те љуби и правдини ќе тера

Ама пиле

Жена ко ќе занеми

Кога ќе те остај шо сакаш да прајш

Ко нема будна да те чека

Оти си дошол сабајлината

Која на секоја твоја глупоштина

Само ќе те опули ко првпат да те гледа

И на која умот на друго место ќе и’ биди

Дури и ко ќе ја навредиш или повредиш

Тогаш пиле пази му ја

Оти таа жена појќе во срцето за тебе место не чува

А женското срце две љубови не бери

Ко шо две лубејнци под една мишка не одат

Таа си ја изгубил уште пред збогум да ти кажи

И тогаш џабе ти е шо и да сториш

Оти таа веќе со умот замината од тебе е

Ниту убај зборој со години премолчени

Ниту цвеќе со години задоцнето

Ниту гушкање со години остинато, не помага

Жена кога ќе одљуби сурова станува

Нит те гледа

Нит те слуша

Нит кусур ти фаќа за нешто

Само ќе те остај да се присеќаш како мирисала

Каква кожата и’ била дур предела под тебе

И како косата нејзина распуштена на гради ти спиела

Ќе те остај со спомени

И ќе си замини

Без збор

Без опул назад

Без бол и страв

Ќе си замини ко никогаш да не си постоел

За спомени со некој друг да гради

Со некој кој никогаш појќе нема да си ти


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски