Ана Бунтеска: дал’ сношти крај мојата порта мина
Еј, ти чупче уб’о
Простум пред мене што стоиш
Со трендафил в коса
Расцутен к’о усни на љубовница млада
И страк темјанушки в рака стиснати
К’о душава да ми ја носиш за да ја исцедиш
Од неа сета скрб ко од грозје бело вино,
Чупче, пиле мое уб’о
Срцево по тебе в трепет ми дише
И копнеж телово к’о во млеко леб ми дроби
Та рацеве к’о небо ги ширам
За да те вплетам во прегратка силна
К’о на невеста млада косата за денот
Кога сета во бело ќе се стокми
И сомнеж дур’ в дамар ја демне
Дал саканиот на порти ќе дојде
Со прстен и свато’и весели в куќи
Ах ти чупче уб’о
Дал’ сношти крај мојата порта мина
И дал’ во ќепенците мои под око се загледа
Та посака пенџерето ширум за тебе да го отворам
И ко птица внатре да ми долеташ
На ракава да ми застанеш
Од дождот силен да ми те скријам
Та после него надвор сонце ко’ ќе бликне
Под ѕуница да те пуштам да прелеташ
Чупче... кротко јагне мое
Да ми дојдеш и моја да станеш те довикувам
Та и на празник и на делник
На твоето лице да се радувам
Во срма да те облечам
И алтани од долап да извадам
К’о ѕвезди на челото да ти ги наредам
За да ми блеснеш к’о деница душо моја
В куќи да ми бидеш
Дечиња да ми родиш
Со бело млеко од гради да ги поиш
А мене зелник да ми месиш
Та да се гостиме на трпеза полна
Од уб’ост и радост куртул да се нема
На животот песни појни да му пееме
А смртта како призрак да ја одминеме
Ех пиле
Дома да ми дојдеш
И мајка и татка да израдуваш
И тие од мене со тебе, рожба да видат
На детски гласо’и староста поуб’а да им е
Ела ми
Еј чупче, пиле мое
В дланки ела ми
А јас за тебе ширум отворени ќе ги оставам
И со љубов сета ќе те покријам
К’о со јамболија в зима
За да ти стоплам снага кревка
Ела ми
Дур’ пролет рана е... ела ми
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска