Ана Бунтеска: Дарување

Добивај вести на Viber

Ти мене ѓердан бисерен

Јас тебе свилена вратоврска

Како да се даруваме 

За збор еден на друг да си дадеме

И душите да си ги капарисаме

Ѓоамити нашата приказна таква е

За пред олтар да коленичиме

Ти мене ѓердан со бисер нанижан

Кој на вратот модринки ми остава

Како жица од која бегање нема

Никојпат претенка за да засече

А доволно дебела за да боли

За да не заборавам

Кому буквиве му припаѓаат

А јас пак тебе

Свила под крагна на кошула

Која секое утро за еден здив

Се’ повеќе ја затегам

Доволно лабава за да подголтнеш

А цврста за стисокот низ денот

На мене да те потсеќа

Ти и јас скапи дребулии си подаривме

Кои на кантар да ги измериш

Тежат колку ветар и магла

И се кочопериме ко пауни

Дур очите на оние кои важни не се

Во нас се вперени

Та како добро извежбани актери

Ја тераме нашата претстава

Без аплаузи и покана за бис

Дур упорно улогите си ги тераме

Јас

Со врат стегнат од ниска бисери

Кои повеќе ни на спање не ги вадам

Оти страв ми е дека без нив

Главава на раменици не ќе ми додржи

Ти

В кревет во пижами

И вратоврска свилена која не се изресува

Во силен јазол намотана

Како бесилка од која не бегаш

И со која навикнат да живееш си

Та лежиме еден до друг

Со чуден свиреж во грлата

И се’ уште за раце се држиме

Грчевито еден за друг фатени

Како да ќе ни се спојат срцата

Дур молчиме и бревтаме

Во постела за еден, двајца се туткаме

Со безброј универзуми разделени

Повеќе немоќни отколку несреќни

Јас-да го истолчам секое зрно

Дур прав од ѓерданот не сторам

И низ рацеве да го иситнам

Низ ветар да го пуштам

Ти-да ги извадиш сите конци свилени

И од нив сиџимче да направиш

А на него сите години да ги нанижиш

И надвор на дрво да ги обесиш

Како мартинка

Како слобода

Како збогум


За Женски Магазин, Ана Бунтеска