Ана Бунтеска: Децата си ги запустивме

Добивај вести на Viber

Се’ им дадовме

Дури и она што никогаш не им требаше

Изгор скапи играчки

Со кои окото им го наполнивме 

Ама празна душата им остана

Облека која носи име на некој од којзнае каде

Ама која удобна не им е

Телефони со кои се шепурат пред другите

Ама немаат никој близок да побараат

Се’ им дадовме

Или...

Се’ што беше детско им земавме

За родителството да си го купиме

Беа усул и без совест 

Како сирачиња без нас ги оставивме

И на астал со нив седиме

Во шаренилото на екраните се џариме

Бркаме нацртани и насмеани човечиња

Кои живи не се, а како род да ни се

Бараме од непознати да не’ сакаат

Чунки дома ни се, чунки важни се

Се’ им дадовме

Демек раатот да не ни избега

Дур децата од нас не избегаа

И после како со странци разговараме

Ги гледаме в очи без да ги препознаеме

Иако од грам месо сме ги израснале

Та гајле си немаме

Оти молчат и попреку не’ гледаат

Изговорите ни се преголеми 

Поголеми од стравот дали арни се

И за да се утешиме

За паричникот се фаќаме

Како да заборавивме оти “среќата со пари не се купува”

Мислевме оти се’ им дадовме

Ама како само за покажување да ни се

Како медали кои светат

И со кои реверите ќе си ги закитиме

За пред комшиите да се фалиме

За оценки и успеси, за награди и признанија

За се’ освен за тоа дека децата си ги познаваме

Се’

Се’ што можевме да си дозволиме

Ете, се’ им дадовме

Само време не им даривме

И безочно сигурноста во нас им ја земавме

За грст алтани

За минлива слава

За менлива позиција

И од раце ги испуштивме

Со трескот удолу да појдат

Небаре толку силни се што нема да се скршат

Та сега ко клетва срамот си го носиме

И проклети да сме

Проклети да останеме

Оти децата 

Децата си ги запустивме

За Женски Магазин, Ана Бунтеска